Денес сме на средби со граѓаните во населба Рача, Пештани, Елшани, во рамките на дводневната посета на Охрид, да ги презентираме проектите кои се дел од програмата на идниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков. Тоа се планови кои ВМРО ДПМНЕ ги има за Охрид и околината на Охрид, бидејќи сега чувствуваме дека Охрид некако делува напуштен од Владата на Зоран Заев и СДСМ, рече во обраќањето лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Пештани.

Таа лоша реалност после 31 октомври треба да се промени со многу работа, со многу откажување и со многу енергија. Со голема амбиција која идниот градоначалник Пецаков, но и носителот на листата Донев ја поседуваат во себе, желбата да работат за сите охриѓани, за народот на Охрид. И самите знаете дека Охрид и охриѓани се соочуваат со елементарен недостаток на канализација, со питка вода за пиење.  Да не зборувам за автопатот до Охрид, кој ги лимитира практично туристичките потенцијали на самиот град Охрид, но и го доведува во прашање безбедниот сообраќај којшто води кон Охрид, рече Мицкоски.

Повика на масовна излезност на охриѓани на 31 октомври, додавајќи дека само така може да се победат притисоците, заканите, поткупот за кој сведочат многу охриѓани изминативе денови.

Со несмален интензитет и енергија одиме на средби со граѓаните и ја бараме нивната поддршка и покрај огромната предност која ја имавме во првиот круг од околу 2000 гласа, рече кандидатот за градоначалникот на Охрид од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Кирил Пецаков.

Потребна е масовна излезност за да се тргне она зло кое надвиснало над Македонија, предводено од Зоран Заев и СДСМ. Во суштина гласањето на 31 ќе биде и референдумско изјаснување за тоа дали граѓаните сакаат да продолжи Македонија по истиот пат или потребно е да тргнеме кон една нова иднина, со надеж дека Македонија може да успее. За остварување на таа цел имаме многу голема поддршка од граѓаните и се надевам и убеден сум дека во вториот круг ќе имаме двојно поголема разлика. Ја гледаме поддршката од граѓаните на терен која се зголемува од ден во ден и не се сомневам во тоа, рече Пецаков.

Охрид, а и Македонија ќе има нова власт која што ќе знае и умее како Македонија да оди во вистински правец, а секако и сите останати градови додаде Пецаков.

Н.С.Ј.