Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, на прес-конференција изјави дека добиле информации, како што наведе, за вршење поткуп и злоупотреба на државни ресурси во изборите во повеќе општини, меѓу кои и Охрид.

Според него дел од специјалните полициски сили вчеравечер во цивилна облека и со необележани возила на МВР биле испратени во Кочани, Охрид и во Битола за да учествуваат врз поткуп на населението, а нелегални дејствија биле забележани и во Крива Паланка.

Министерството за внатрешни работи ги демантира наводите на ВМРО-ДПМНЕ за работењето на полицијата, посочувајќи дека локалните избори се целосно слободни и демократски.

ВМРО-ДПМНЕ и вечерва, како што беше случај и во претходните неколку денови, продолжува да шири невистини за работењето на полицијата. Пласираат конструкции и лаги за да го нарушат угледот на полицијата. Но, фактите ги демантираат. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму.

МВР како што се наведува во соопштението, апелира ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири невистини, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја в недела, на вториот круг од локалните избори.

OhridNews