Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинува, дека полицајци на Заев и Спасовски договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања. Од партијата велат дека била направена вибер група преку која организирано се вршеле притисоци. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес од Пештани, рече дека имаат повеќе вакви докази што се доставени до меѓународната заедница, додавајќи дека го повикува и обвинителството да излезе со истрага и таа истрага да кулминира со кривична пријава.

Гледате таму каква реторика има, гледате каков е речникот на тие луѓе кои што треба да бидат пример во средините каде што функционираат. Повеќе од двајца, според кривичниот законик е злосторничко здружување, така што го повикувам обвинителството веднаш да постапи затоа што ќе даде лош пример, а ќе даде лош пример во насока на обесхрабрување на граѓаните бидејќи нема правда во оваа држава, ако тоа може да го прават на најголемата политичка партија во Македонија и ако тоа може да го прават на идниот градоначалник на таа општина станува збор за општина Прилеп каде што Борче Јовчевски убедливо победи, би рекол 2 спрема 1 наспроти неговиот политички противник кандидат за градоначалник, тогаш како ние граѓаните можеме да се чувствуваме безбедни, кога истите тие што треба да се грижат за нашата безбедност всушност ја загрозуваат нашата безбедност. на ова мора да му дојде крајот и затоа го повикувам обвинителството веднаш да постапи според овие индиции,  нагласи Мицкоски.

Од МВР со реакција велат дека категорично ги отфрлаат невистините плансирани од ВМРО-ДПМНЕ.

Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани, стои во реакцијата од МВР.

Н.С.Ј.