Распределбата на „спортскиот денар“ од буџетот на Општина Охрид, предизвика големи несогласувања помеѓу локалната власт и опозицијата и ја разбранува јавноста. ВМРО ДПМНЕ, чии советници бурно реагираа на прераспределбата на средствата за спорт при ребалансот на буџетот, денеска обвини дека Градоначалникот на коалициониот партнер на СДСМ Нефи Усеини му доделил 45 илјади евра за фудбалскиот клуб ФК Воска, изразувајќи сомнеж во спортските мотиви на таквиот потег, кој опозициската партија го поврзува со наводен предизборен пазар.
Георгиески со последниот ребаланс на буџетот му додели 2.750.000 денари на ФК Воска Спорт, сопственост на Нефи Усеини. На два месеци пред избори Георгиески одвои речиси 45 илјади евра финансирајќи го клубот на неговиот коалиционен партнер и до неодамна советник во Советот на општина Охрид. Дали ова претставува дел од предизборниот поткуп на Георгиески? Георгиески е уценет и со пари од граѓаните сега ги плаќа фактурите од минатите избори за кои е должник кон неговиот коалиционен партнер. Ако е чесен и искрен во своите намери за Охрид тогаш зошто не обезбеди средства за да ги руши дивоградбите во сопственост на контроверзниот Усеини, туку го наградува? – стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Опозциската партија уште ја обвини општината за двојни аршини, затоа што пред две години не издвоила средства за подршка на КК АВ Охрид, со образложение дека не финансира приватни клубови, а сега финансиски го поддршува клубот на Усеини.
Според локалната самоуправа, опозициската ВМРО ДПМНЕ шири лажни вести и опасно игра на карта на национализам, што може да има далекусежни последици по соживотот во градот. Оттаму посочуваат дека ребалансот на буџетот на Општина Охрид е усвоен од страна на Советот на Општина Охрид, преку транспарентна постапка за што јавноста навремено е информирана за сите детали, вклучително и за начинот на кој се релоцирани дел од средствата во Програмата за спорт, кои се наменети за финансирање на спортскиот клуб ФК „Воска“. Појаснуваат дека согласно Програмата за спорт општината одобри средства на повеќе клубови, според критериуми и во согласност со законот и Јавниот повик за распределба на средствата од програмата за спорт.
Така, на Градскиот Ракометен Клуб „Охрид“ му се одобрени 8.000.000 денари, на Градскиот Фудбалски Клуб „Охрид“ 6.000.000 денари, на Градскиот Кошаркарски Клуб „Охрид“ 1.600.000 денари и на Фудбалскиот Клуб „Воска“ 2.750.000 денари, како и на сите спортски клубови и здруженија на граѓани, врз основа на Јавниот повик кој беше објавен во месец ноември 2020 година, објаснуваат од локалната самоуправа.
ФК „Воска“ во текот на предвидениот рок за аплицирање на повикот, се натпреварувал во Третата фудбалска лига, а во меѓувреме се пласираше во Втората фудбалска лига. Во рамки на клубот функционираат младински фудбалски школи, кои даваат придонес за промоција и развој на спортот и креирање на здрави животни навики кај младите. Сакаме да ги запрашаме сите засегнати страни кои деновиве бурно реагираат за доделувањето на средства на овој клуб – Според кој критериум сметаат дека ФК „Воска“ треба да биде изземен од финансирање? Дали луѓето кои живеат на тој дел од градот се помалку вредни? Дали децата кои тренираат во тие фудбалски школи се помалку вредни од децата кои тренираат во другите школи? – прашуваат од Локалната самоуправа.
Спортот е јавен интерес за сите граѓани на Охрид. Локалната самоуправа никогаш нема да прави поделби по било која основа и секогаш ќе биде објективна во носење на одлуки околу доделување на финансиски средства, стои во реакцијата.
Сите спортски клубови имаат можност на поддеднаков третман и поддршка од страна на општината, врз основа на остварените резултати. Жално, срамно и недозволиво е спортот, спортските клубови и спортистите, да се користат како тема за манипулација со јавноста и во дневно-политички цели. Локалната самоуправа ќе продолжи, во рамки на своите можности, да ги поддржува спортските клубови, да го стимулира развојот и унапредувањето на спортот на целата територија на општината. – се истакнува во соопштението лиферувано од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид.
OhridNews