Централниот изборен штаб на коалицјата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, објави убедлива победа на предвремените парламентарни избори.

Од досега обработените нешто над 62% од гласовите, коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, неофицијално освоила 63 пратенички места наспроти 28 на коалицијата за Европа „Сонце“, соопшти вечерва ВМРО ДПМНЕ. Според истиот извор ВМРО ДПМНЕ освоила 320.681 гласови наспроти 158.785 на „Сонце“.

Во 5-та изборна единица во која спаѓа Охрид, ВМРО ДПМНЕ објави дека освоила 11 пратенички мандати. Веднаш по објавувањето на првичните неофицијални резултати симпетизерите на ВМРО ДПМНЕ започнаа да ја слават победата низ улиците на Охрид.

Во Тетово вечерва слават ДПА и ВМРО ДПМНЕ иако ДУИ објави дека не ги признава резултатите од 6-та изборна единица и Сарај. ДУИ бара поништување на изборите, иако како што информираат од партијата и покрај изборните нерегуларности тие убедливо победиле во албанскиот електорат.

Се очекува околу полноќ ДИК да излезе со првите неофицијални резултати од парламентарните избори.

ohridnews