Владејачката партија вели дека ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен, ниту некој во ендек завршил, исто како што ниту некоја фирма била затворена поради политички мотиви или пак на било кого од опозицијата му е наштетено, по објавата на денешните прислушувани разговори.

„СДСМ со секоја нова прес конференција го покажува очајот и немоќта во која е заглавена. Жално е и поразително што главниот адут на СДСМ, не се програма, идеи и проекти, туку сечени, монтирани, прилепувани и вадени од контекст материјали“, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека манипулацијата била видлива, а  СДСМ вади разговори кои се однесуваат на сосема други ситуации и околности, ги монтира и прилепи, и потоа ги прикажува во неточен контекст кој само на нив им одговара.

„Ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен, ниту некој во ендек завршил, исто како што ниту некоја фирма била затворена поради политички мотиви или пак на било кого од опозицијата му е наштетено. Затоа СДСМ не сака да говори за реалноста, туку за измислени и креирани разговори. Реалноста за нив е поразителна. Нема да набројуваме на територија на целата држава, туку само во општина Центар, плодот на работата на СДСМ во општина Центар е: изградба на дивоградби како Тифани Кинески ѕид,  Лумикс, запустен плоштад кој наликуваше на периферен град од некоја афричка земја, раскопани булевари и улици“, се вели во реакцијата.

OhridNews

Извор:„Макфакс“