Зоран Заев и неговата врхушка во СДСМ денес покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност. СДСМ не е ништо повеќе од прислужник на сценарио кое има цел да ја дестабилизира Македонија, да предизвика кавги и конфликти и помеѓу Македонците и помеѓу сите други граѓани на нашата држава. Ова е реакцијата на владејачката ВМРО ДПМНЕ на трибината што вечерва во Скопје ја одржа најголемата опозциска партија.
Според ВМРО ДПМНЕ, СДСМ има цел да го сруши угледот на државата, да ја превземе власта без поддршка од граѓаните, а на своите наредбодавачи да им помогне да ја урне Македонија на коленици пред барањата и уцените на тие странски центри кои воопшто не и мислат добро на Македонија. Вечерашниот собир владејачката партија го оцени како партиски митинг на кој СДСМ си донела луѓе со автобуси и ги верглала истити работи и истите тези за кои зборува 9 години и за кои никогаш не добивала поддршка од граѓаните.
„На СДСМ очигледно му требаат нелегални и креирани снимки за да привлече луѓе на своите митинзи бидејќи се досадни, сувопарни и празни цели 9 години.
Апелираме до нив да продолжат со вакви естрадни и квази-фестивалски настани, а ние ќе продолжиме да си ја работиме нашата работа, да привлекуваме инвеститори за да отвараат фабрики во нашата држава, да градиме патишта, да реконструираме болници и училишта, да продолжиме со зголемување на плати, пензии и социјални трансфери, да помагаме на земјоделците, да набавуваме автобуси и нови возови, да градиме булевари, ќе продолжиме да работиме.
За СДСМ нема дно, ќе продолжат да тонат. Вечерва направија грда политичка лакрдија, а со тоа не разбраа дека всушност само си го покажаа своето лице. Со подли, извртени и болни воведи и коментари на некој чуден водител сакаат да креираат лажни емоции. Мислат дека луѓето нема да ги разберат нивните извртени умови и болна желба за власт.“- се вели во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението, нема да дозволи Зоран Заев да си поигрува со иднината, со стабилноста, со економскиот развој и со перспективите на Македонија.
„Граѓаните го знаат и го паметат вистинскиот лик и на Зоран Заев и на Радимла Шеќеринска и на Зоран Верушвески и на сите нивни соработници од СДСМ. Граѓаните ги паметат сите нивни злодела од минатите дваесетина години.
Агресивниот и избезумен говор на Зоран Заев и бледите и празни говори на неговите соработници јасно кажуваат дека и тие самите веќе разбрале дека граѓаните на Македонија им ја прочитаа целта на ова сценарио, а тоа е гола власт по секоја цена, па макар и да се одработува за туѓи интереси.“-пишува во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews