” Во Охрид се случи нов урбанистички масакр. На 27-ми мај закажана беше седница на советот на која на дневен ред беа поставени 42 урбанистички решенија. Изгледа пазарот се уште не беше направен, па седницата се одложи. Дел од советничкото мнозинство ја напушти седницата” , рече на денес одржаната прес конференција на ВМРО- ДПМНЕ, претседателот на Општинскиот комитет, Атанаско Михаилов. 

Тој праша- која беше причината поради која дел од советничкото мнозинство ја напушти седницата, за да на 1- ви јуни повторно се закаже продолжение на истата седница,  без присуство на јавноста. При тоа, потенцира Михаилов, без трунка срам и перде, за многу кратко време се изгласаа 42 урбанистички решенија. Со нив, како што рече првиот човек на ОК на ВМРО- ДПМНЕ,  е опфатена изградба на една десеткатница кај зградата на Архивот, а во  истиот дел од градот е предвидена изградба и на седумкатница.- Колку ве чинеше вам и Охрид обезбедувањето на гласовите за да ви поминат урбанистичките документации, колкава беше цената за уништувањето на Охрид?, Михаилов го упати ова прашање до градоначалниокот Петрески, советниците од СДСМ и ВМРО- Народна партија.

“ Кога зборувате за туризам, најверојатно мислите на онаа ледина кај автобуската станица за која ветивте дека ќе ја направите. За катните гаражи и паркинзи кои не ги  направивте кај пазараот, затоа што не станува збор за приватна зграда, па немате интерес да ја подигнете. Се што е ветивте, се излажавте, само не кажавте дека секаде каде има зелена површина ќе направите зграда, и дека ќе сечете дрва низ Охрид и крајбрежјето”.

Михаилов го праша Петрески, за каков социјален момент зборува при носењето на урбанистичките планови, кога се дозволуваат градби со висина од 7 или 10 ката. Со вашите финти Охрид отиде јабана. Заминете си, куртулете го Охрид, рече Михаилов.

Т. Кувенџиска