Со огромно задоволство но, и одговорност пред сите вас ја прифаќаме големата победа изразена со околу 2000 гласа разлика во првиот круг, истакна денес на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков.

 

Изминаа четири години, чесно, со крената глава и достоинствено ја побаравме поддршката од охриѓани и ја добивме. Народот е свесен дека на Охрид и Македонија им се потребни промени, ова е победа на сите што заслужуваат заедничка иднина. Мора да се почитува гласот и на тие што гласаа и на тие што не гласаа на мирните, достоинствени, фер и демократски избори. Охриѓани јасно докажаа дека се против криминал, корупција и апатија и дека сакаат промени и нова светла иднина, рече Пецаков

Пред медиумите денес се обрати и носителот на советничката листа од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Донев кој порача дека Охрид треба да продолжи кон посветла иднина, и најави поголема победа во вториот круг од локалните избори.

Денеска насекаде се слуша гласот на промените, на охриѓани им е доста од криминал, корупција, пазарења и непринципиелни коалиции. Од денеска повторно на работа, за народот и решавање на сите проблеми на граѓаните. Ќе стигнеме до секој еден гласач, затоа што потребни им сме на сите, порача Донев.

Според резултатите од ДИК од првиот круг на локалните избори, Пецаков освои 14.380 гласа или 1.920 повеќе гласа од неговиот противкандидат во вториот круг кој ќе се одржи на 31 октомври, Константин Георгиески.

К.А.