Во врска со Иницијативата поднесена од советничката група на СДСМ до Советот на општината и Градоначалникот за утврдување на најниска плата на вработените во локалната администрација и општинските јавни претпријатија Проаква и Комуналец во износ од 8.100 денари, со соопштение се јави ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа партија смета дека предлогот на советничката група на СДСМ претставува мачкање очи. „Да не беше смешна ќе беше жалосна иницијативата за утврдување на најниска плата за вработените во локалната администрација и општинските јавни претпријатија  во износ од 8.100 денари. Зошто 8.100 денари, а не барем 12.200 денари (200 евра) колку што по анализата на предлагачите на иницијативата изнесуваат минималните трошоци на живот? И зошто не и кај олигарсите од редовите на СДСМ кај кои работат многу поголем број на работници за минимална плата?“ се наведува во соопштението.

Од ОК на ВМРО ДПМНЕ сметаат дека  иницијативата пред се е наменета за општините во кои СДСМ е во опозиција, а охридските градски власти се „колатерална штета“ на оваа акција водена од „повисоки“ партиски цели. „Во тој поглед сочувствуваме со градоначалникот Ацо Петрески и директорите на општинските јавни претпријатија Бранислав Трпчески и Боро Павлоски, кои сега ќе морат да ги вадат жешките костени од огнот: како во состојба на неликвидност, презадолженост, блокирани сметки, нередовно исплаќање на платите и надоместоците на вработените да изгледаат сериозни при предлагањето на повисоки плати за 50%, наводно од „внатрешните резерви“ и да ги убедат граѓаните дека тоа нема да падне на нивен товар преку зголемување на цените за вода, ѓубретарина, погребални услуги, комунални такси и слично“, стои во соопштението.

Во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ се наведува дека предлогот на СДСМ за утврдување на најниска плата за вработените во градските служби е популистички потег типичен за опозицијата.

ohridnews