Сеуште актуелниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ  Никола Груевски, е оптимист дека неговата партија ќе победи на претстојните парламентарни избори.

„Она што го сработивме во оваа година и пол ме прави оптимист дека ќе ја добиеме поддршката на граѓаните. Тргнувајќи од од минатиот труд, ветеното и сработеното како и новата програма, мислам дека на овие избори ќе ја добиеме довербата. Но исто така е важно овојпат таа победа да биде изразена со поголем број пратеници  за да не се соочуваме со сериозни проблеми во спроведување на нашата политика што беше случај досега поради послабата поддршка“, изјави Груевски во Охрид. Тој  изрази надеж дека на овие избори коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе освои над 60 пратеници, за како што рече да може да го реализира ветеното на граѓаните

Груевски информираше дека коалицијата е веќе договорена и ќе биде објавена во текот на наредната недела, и дека по традиција ВМРО ДПМНЕ изборната кампања ќе ја започне од Охрид на 11 мај. Тој  денеска не откри детали околу персоналниот состав на пратеничките листи во Охрид. Во негово друштво денеска беа пратениците во оставка: Цветко Грозданов, Анита Кипаризова Крстеска, Александар Николоски и новиот член на ВМРО ДПМНЕ, Мирјана Секулоска, како и претседателот на Општинскиот комитет Владо Стефаноски и државниот секретар во МЖСП, Дејан Паноски. Дали некој од нив ќе се најде на пратеничката листа ќе се знае за неколку дена.

ohridnews