Трет ден траат жестоките препукувања помеѓу општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот на Охрид. Откако вчера Петрески на прес конференција остро возврати на обвинувањата на негова адреса, ВМРО ДПМНЕ се јави со ново соопштение во кое реагира на изнесените ставови, кои според партијата очекувано биле полни со навреди и клевети.

– Му препорачуваме и во наредниот период да продолжи со хајки против личности од ВМРО ДПМНЕ  и  со закани и уцени . Тоа за ОК на ВМРО ДПМНЕ  е најголема чест . Ние само, ќе го разоткриеме и низ прашања и дебата – сигурно ќе го победиме. – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од оваа партија и натаму инсистираат градоначалникот да одговори на поставените прашања, кои според ВМРО ДПМНЕ ја тангираат целата јавност.

-Каде се 40 милиони евра пари на граѓаните на Охрид во овие изминати негови 5 години? -Колкав е новонастанатиот долг на Општината во неговото владеење кој ќе треба да го плаќаат идните генерации на Охрид? -Дали е вистина дека барал пратеничката функција за да се спаси себеси  ?-До кога ќе се кити со туѓи перја , како на пример патот за Велгошти го прави тој а, вистината е дека е тоа е проект на Владата т.е Министерството за транспорт и врски ? – Зошто ги одбива проектите на Владата за спортски игралишта  , спортски базен и Здравствен Дом? – До кога мисли да лаже дека централната власт го блокира Охрид  а вистината е дека го имаме најнеспособниот градоначалник на Охрид?-прашуваат од ВМРО ДПМНЕ.