Двете најголеми партии во македонскиот политчки кампус, владејачката ВМРО ДПМНЕ и опозициската СДСМ, ги засилуваат активностите на терен. По избувнувањето на аферата со прислушување на телефонски разговори, случајот Пуч“, „бомбите“ на опозцијата и објавувањето на видео материјали од кабинетот на премиерот, за кои постои сомневање дека биле обезбедени со посебни истражни мерки за што истрага покрена јавното обвинителство, партиите се растрчаа низ градовите, а нивните активности се повеќе наликуваат на предизборен период, иако владејачката ВМРО ДПМНЕ тврди дека избори нема да има. Од друга страна се промовираат проекти, се сечат ленти, се распишуваат огласи за вработувања, се мобилизира членството…
Лидерот на опозицијата Зоран Заев денеска учествуваше на осмомартовскиот марш организиран од женскиот актив на партијата во Тетово. Тој маршираше заедно со илјадниците жени, а во неговото обраќање по повод 8-ми Март доминираа политичките пораки.
„Овие денови, времето во Македонија е врнежливо. Некаде паѓа снег, некаде паѓа дожд, паѓаат и бомби кои најавуваат дека ќе паѓа и нешто друго. Ќе паѓа власта на Груевски и злосторничката дружина.
Овој Осмомартовски марш на жените на СДСМ и вели: Марш на власта, надвор на Груевски и злосторниците на Македонија.
Почитувани пријатели, ова е навистина голем празник. И на денешниот празник, секоја жена заслужува барем по една роза. Но, овие жени овде една роза носат во своите срца, не еден ден, 365 дена во годината. И овие жени овде се горди носејќи ја оваа роза, заради тоа што, тие не велат „шу праиш„. Они прават, работат, се борат.
Сите заедно, мои дами, имаме задача, имаме обврска да се избориме, слободата во Македонија да ја вратиме. Ова е наша заедничка борба и заедничка битка.“– рече Заев.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, денеска беше во работна посета на Кичевско, каде присуствуваше на свеченостите по повод пуштање во употреба на повеќенаменско спортско игралиште во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“. Премиерот во Кичево го посети Техничко-технолошкиот факултет каде е набавена повеќенаменска лабораторија за органска и неорганска хемија и биохемија, микробиолошка лабораторија и лабораторија за анализа на храна. Во Пласница Груевски во придружба на министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми свечено ја пуштија во употреба спортската сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“.
На средбата со новинарите Груевски се осврна на последните обвинувања од опозцијата за изборни нерегуларности, не пропуштајќи да ја искоментира видео снимката објавена на You tube од неговиот кабинет. Притоа тој истакна дека Заев пред изборите бил свесен дека СДСМ ќе изгуби убедливо од анкетите што сам ги нарачал и дека тоа ќе биде со над 150.000 гласа.
– Оние што се разбираат од анкети, а политичарите се разбираат доста, точно знаат што значи седум или осум процентна разлика. Тоа покажува дека за целиот период на кампањата раководството на СДСМ одело со лаги дека водат, дека се блиску, дека сме изедначени, дека ќе победат и дека од 27 април СДСМ ќе стапи на власт. Всушност, тие знаеле дека им следува огромен пораз и цело време глумеле и лажеле. – рече Груевски.
Тој посочи дека Заев со пуштање на креирани материјали ја фалсификувал волјата на граѓаните кои со разлика од 200.000 гласови гласаа за ВМРО-ДПМНЕ.
– Преку креирани материјали се обидува да им докаже на граѓаните дека не гласале заради делата, градбите, реформите и многуте чекори направени од Владата, како што се зголемување на пензиите, платите во администрацијата, социјалната помош….туку гласале заради тоа што тој верува, а тоа биле разни притисоци и слично.- потенцира Груевски.
Тоа што го прави Заев, додаде, мене ми личи на онаа стара Бранкова школа – да се дојде на власт преку криза. Нагласи дека СДСМ на граѓаните им нуди евтини сценарија и набрзина подготвени програми и додаде дека најчесто и тоа не го нудат. Тој останува на тврдењето дека опозцијата манипулира со јавноста со креирани аудио материјали, додавајќи дека државниот врв во Република Македонија и други политичари и јавни личности биле цел на прислушувањето.
– Видовме што се како креирани материјали се лиферуваат во јавноста и била очигледна намерата токму тоа да биде направено со цел да се создаде лажна слика преку извадоци од разговори и креирани разговори. На тој начин сака да се создаде слика за тоа што не е, да се компромитираат луѓе и да се прикажат дека се поинакви од тоа што се, но и да се заборават нивните дела и работа и тоа што го направиле. – рече премиерот Груевски.
OhridNews