“Го повикуваме градоначалникот Петрески да се зафати со вистинските работи од неговата надлежност, да поправи дел од сопствените грешки колку што може во овој мал преостанат период од неговиот мандат, а не во стилот на голем мајстор на пропагандата да гледа нагоре и да ги обвинува авионите, владата и небото”, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Спасеска.
Наташа Спасеска
ВМРО-ДПМНЕ денеска го искритикува градоначалникот Александар Петрески и за паркинг-просторите. ” Работите отидоа до таа крајност што, замислете, улицата помеѓу поштата и Домот на АРМ преку ноќ се претвори во приватно паркиралиште, со диво поставени наплатни рампи”, рече Спасеска. Според неа, согласно деталниот урбанистички план, улица широка 7 метри, со тротоари од по три метри од двете страни и такси станица, наеднаш не е улица туку се претвори во паркинг.”Што ако и други продолжат да го следат примерот и дел по дел почнат да ги узурпираат улиците за паркиралишта и да поставуваат рампи”, запраша портпаролката Спасеска.
На денешната прес-конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ беше побарано од Градоначалникот, тој да ги отстрани сите дивопоставени рампи веднаш и да го поништи договорот за стопанисување со паркинзите.
Ohridnews