Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски на прес конференција во Скопје го обвини градоначалникот на Охрид , Александар Петрески, за недомаќинско работење, пренесе МИА.
Во услови кога општина Охрид има долг над шест милиони евра, блокирана сметка, кога градот е на прагот на еколошка катастрофа и јавните претпријатија не функционираат, има најава за купување на четири возила од страна на градоначалникот за негови лични потреби, секое со вредност од над 25.000 евра и дополнително купување на четири комби возила со вредност над 30.000 евра кои би се користеле за потребите на општинската администрација, посочи Николовски.
Тој истакна дека градоначалникот Петрески има девет лични шофери кои ги возат неговите три возила – Мерцедес Е200, Цитроен Ц5 и Мицубиши Аутлендер.
Во исто време, потенцира Николовски, Општината не може да се справи со сметот во градот, со паркирањето, со завршувањето на колекторскиот систем и на канализацијата во градот, што е срам за најубавиот град во Република Македонија, кој треба да ја презентира државата.
Тој рече дека Петрески најавил оти за потребите на општината ќе набави хеликоптер од источно производство кој чини околу два милиони евра и модерен брод кој чини меѓу три и пет милиони евра.
Со овие средства може да се затвори целокупниот долг на Општината, да се заврши колекторскиот систем околу езерото со што тоа би се заштитило од дополнително загадување, да се заврши канализацијата која ја нема повеќе од 60 отсто од градот, да се завршат улиците кои се уредени само во централното градско подрачје и да се вложат средствата во развој на туризмот во Охрид, додаде Николовски.
OHRIDNEWS