Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе Проглас со кој ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде што нема кандидати во втор круг, партијата ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта,  истакна денес по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа во Охрид, потпретседателот на партијата Александар Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ во Прогласот повикува на заедништво, слога и обединување за остварување на заедничката цел на сите без разлика на политичка, етничка, верска или друга припадност.

Препорачуваме дека е време за обединување на сите сили кои се против политиките на власта, силите кои сакаат добро и напредок, сакаат нова подобра иднина и промени, проекти и победи. Повикуваме на обединување на сите прогресивни сили против власта која носи порази, омаловажувања, неуспеси и го одзема достоинството, истакна Николоски.

Во Прогласот, партијата повикува на масовна мобилизација на граѓаните за, како што се вели, подобра иднина, успеси и работа.

Секоја наша разлика е помала од заедничката цел – Македонија да ја развиваме, економски да зајакнува, политички да се интегрира. Мора да ги срушиме ѕидовите на омраза наметнувани од власта и затоа е потребна мобилизација, излезност и народно обединување на граѓаните, вели Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека со Прогласот ги повикуваат граѓаните слободоумно и отворено да излезат на гласање и насекаде да ги поддржат кандидатите кои се борат против власта.

K.A.