Беше постигнат договор за Изборниот законик, по сета енергија којашто ја вложивме, времето, многуте аргументи, и покрај непријатните моменти, изјави во средата Илија Димовски претставникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека претходната најава на опозициската СДСМ за повлекување е тактика за избегнување на предвремените избори закажани за април следната година.

„Постигнувањето на договорот за Изборниот законик значи уште еден чекор во исполнување на договореното меѓу четирите политички партии и со тој договор се обезбедуваат условите за одржување на предвремените избори“, рече Димовски.

Претходно белгискиот експерт Питер Ванхауте, кој се јавува како олеснувач во преговорите за спроведување на договореното во Пржино изјави дека партиите постигнале договор за изборниот законик, за што изрази задоволство.

Димовски, исто така, оцени дека повлекувањето на СДСМ од преговорите е показател за стравот на опозицијата да се соочи со граѓаните на избори.

„Денешното повлекување на СДСМ го разбираме како повторена повеќепати тактика на таа партија, секогаш кога ќе има прогрес во разговорите и секогаш кога ќе се исполнуваат условите за оддржување на предвремени парламентарни избори, тие да бараат причини и да бараат изговор за да се повлечат, односно да го исполнат своето сценарио да се одложат или да не се одржат избори“, смета претставникот на ВМРО-ДПМНЕ

Според него, „очигледно имаат проблем со поддршката кај граѓаните, имаат проблем внатре во својата партија и бараат начин како сево ова што веќе е договорено меѓу четирите политички партии, вклучително и Изборниот законик кој денеска го договоривме, да не заврши со предвремени избори, знаејќи дека ќе ги загубат“, заклучи Димовски.

Претходно, исто така, од пред Клубот на пратениците во Скопје, каде што одвиваат преговорите, претставникот на најголемата опозициска партија Оливер Спасовски најави дека СДСМ се повлекува до преговорите, поради тоа што сметаат оти со одлуката на Советот на јавни обвинители да се преполови тимот на Катица Јанева, бил прекршен ткн Договор од Пржино и Законот за специјалното јавно обвинителство.

OhridNews

Извор:„Макфакс“