Два дена по усвојување на Декларацијата за заштита на Охридското Езро, ОК ВМРО ДПМНЕ преку соопштение до јавноста ја критикува одлуката на градскиот Совет, која според партијата е театрална:
 
„Градоначалникот Александар Петрески во четвртокот направи театар пред охридската јавност. За прв пат во неговиот мандат се одржа првата вонредна седница на градскиот Совет. За ваква седница, која се одржува итно, потребно е да постојат вонредни околности односно воени, елементарни и слични опасности, па така Петрески реши дека ниското ниво на езерото и проблемите со корисртењето на плажите се такви околности. Притоа, најважно било да се привлече вниманието на Владата со вонредноста!

Потсетуваме дека на претходната 58-ма седница Советот донесе заклучок дека е потребно низ аргументирана расправа, врз стручни сознанија и целосни анализи, на посебна седница да се види какви се состојбите и што треба да се стори со Охридското Езеро. Наместо тоа, прибегнувајќи кон вонредна седница, без пишувани материјали, како лош диригент кој сепак го води делото низ дисонанција кон замислениот крај, Петрески изрежира театрална Декларација.

Во неа се бара од државните власти да преземат мерки во нејзина надлежност кои и без декларацијата совесно се преземаат: строго контролирано користење на водите на Охридското Езеро; средување на водниот сообраќај; контрибуција на средства од електрична енергија и сл. Потоа се бара да се финансираат капитални објекти: патот Охрид–Св. Наум; пристаништа; реките и суводолиците. Како да не се работи за крупни капитални вложувања, кои само со аргументација и низ прописна процедура треба да го најдат своето место во планирањето и финансирањето на развојот на државата.

Наместо Петрески да се грижи за градот и да се посвети на решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, во рамките на своите ингеренции, тој предизвика хаос и безредие во градот, а промовира лажна грижа носејќи Декларација!
Го прашуваме Петрески да одговори на граѓаните:
–    Како е можно во сезона да откаже системот на Проаква и да се излеат фекалии на пристаниште и во Стариот град;
–    Зошто не ги испочитува три пати одложуваните рокови за поврзување и активирање на колекторскиот систем во Пештани;
–    Зошто молчи за состојбата со водоводната мрежа, механизацијата и општата драматична ситуација во Проаква, што е обврска по заклучокот од Советот;
–    Што е со жалната слика на новата ѓоа-автобуска станица и маките за превоз и сместување на туристите;
–    Што е со „панаѓурот“ низ целиот град, а особено во центарот;
–    Што е со паркинзите нелегално стопанисувани, та дури и затворени улици со рампи;
–    И за уште мноооогу негови обврски – бучава, кучиња-скитници, комарци, глувци, итн. итн. И уште многу следни „итн“.

Наместо сето тоа, Градоначалникот се „загрижи“ за обврските на Владата, наместо за своите! Приреди еден мал спектакл во форма на вонредна седница на чиј крај без аплауз се роди декларација.

Затоа ние предлагаме серија од ВОНРЕДНИ седници по овие вистински теми и уште безброј други од обврските на Градоначалникот, кои ќе се одржуваат на секои три дена, во искрена надеж дека на тој начин ќе го привлечеме вниманието на најголемата власт – народот, за да дојде правата вистина до него.

Граѓаните многу добро знаат како треба да се менаџира со градот: со работа, посветеност и одговорност а не промовирање на лажна грижа и фрлање на прашина во очи на јавноста со носење на Декларации“, се вели во соопшетието на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид.

Ohridnews