Опозициската ВМРО ДПМНЕ ја обвини локалната власт за несовесно однесување и негрижа за охридското крајбрежје. Партијата тврди дека на идната седница на советот владејачкото мнозинство ќе се обиде да протурка штетни и непримерни одлуки. Една од нив е Предлог-програмата од област на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија со која се определуваат и цените на парцели кои се предмет на издавање под краткотраен закуп по пат на јавно наддавање или непосредна спогодба-плажи.
Само пред 10 месеци на предлог на господинот Константин Георгиевски како тогашен координатор на советничката група на СДСМ, заедно со нашата советничка група беа усогласени и изгласани почетни цени за надавање кои сметавме дека се реални и во согласност со пазарот. Сега, игнорирајќи ја оваа одлука во потполност, како никогаш да не била донесена се предлагаат износи и повеќе од двапати пониски од претходно донесените, без ниту еден збор образложение. Ова можело да се случи само како резултат на намера, или пак на крајно неодговорно однесување на администрацијата. И во двата случаи некој треба да понесе одговорност. Сакаме да напоменеме дека градот, односно сите ние, веќе трпиме штети заради несклучените досега договори за закуп, а корисниците и натаму ги користат без никаква закупнина. – изјави денеска на прес конференција Лидија Петкоска, советник во општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ.
Опозициската партија ја обвини локалната власт дека сака да легализира дивоградби изградени во заштитениот појас во кампот Градиште и ги повика еколошките здруженија да реагираат.
Една од точките на дневен ред е легализација на 7 бесправно изградени објекти во кампот Градиште. Замислете, во најзаштитениот појас, во непосредна близина на езерото, експресно државата и нејзините институции ги издале сите потребни согласности за овие легализации. Повторуваме, во кампот Градиште, веднаш до еден од најубавите езерски брегови воопшто во светот, на едно од најстарите езера во Европа не било никаков проблем да се легализираат бесправно изградени објекти. Ги повикуваме сите еколошки друштва и граѓански здруженија кои до неодамна беа многу гласни со својата грижа за езерото, да се разбудат од зимскиот сон и да продолжат и да се грижат и да се борат за зачувување на езерото. Во спротивно ќе сметаме дека нивните претходни активности биле водени од сомнителни мотиви. – истакна Петкоска.
OhridNews