Време е градоначалникот на Охрид Александар Петрески да си замине од функцијата, изјави пратеникот Цветко Грозданов на прес конференцијата што денеска се одржа во просториите на ОК на ВМРО ДМНЕ.

Грозданов посочи дека  во извештајот на Државниот ревизор се констатирани сериозни пропусти во финансиското работење на локалната самоуправа. Повикувајќи се на извештајот Грозданов рече дека општината не ги почитувала законските прописи за тендерска набавка и дека градежни договори се склучувале интерно и по пат на цесии поради што и не се знаае патот на парите со кои располага општината.

Пратеникот Грозданов рече дека општината годинава буџетот кој е проектиран на 7 милиони евра го исполнила само 25 % и запраша што е со разликата. Тој рече дека единствена причина што Охрид не влегол во втора фаза од децентрализација се долговите на општината кои според него можат се решат со уплата на средства за комуналии од изградба на два до три хотели.

Офрлајќи ги како невистинити обвинувањата на градоначалникот дека охридските пратеници работеле на штета на општината Грозданов кажа дека со заслуга токму  на пратениците од Охрид во општината ќе се градат спортски терени, ќе се заврши спортската сала во Велгошти, се преговара за изградба на  затворен базен и дека веќе се обезбедени средства за  изградба на  колекторот од Метропол до Пештани, како и за транзитната улица „Железничка“. За разлика од нас, градоначалникот заборави многу од своите предизборни ветувања и најдобро ќе биде за Охрид тој да си замине од функцијата, рече Грозданов.

Наместо да зборува за визии за изградба на голф терени, модерна автробуска станица и други проекти кои ги најави а не ги реализира, градоначанлникот на Охрид Александар Петрески треба да се сврти кон решавање на реалните проблеми на граѓаните, а не да ги заморува со нови визии за купување хеликоптери и бродови, рече Владо Стефаноски-претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ-Охрид.Тој запраша на кој начин  градоначалникот на Охрид го намалил долгот од 13 милиони евра. „Финансиската ревизија ќе покаже колку и дали е намален долгот на општината или можеби тој е само алоциран“ рече Стефаноски.

Според ВМРО ДПМНЕ доколку продолжи со работа како и досега општината Охрид може да ги загуби ингеренциите од областа на финансиите и урбанизамот, поради што оваа партија бара Советот да формира комисија која ќе го испита финансиското работење на градоначалникот, а доколку се докажат сомневањата мерки да преземе и МВР.

ohridnews