Во врска со денес изнесеното од општинската СДСМ, реакција и од ВМРО- ДПМНЕ Охрид. Како што велат, сакаат да ги потсетат опозиционерите што значи партизирана администрација и корупциски афери.

– Недалеку е периодот во кој во Секторот за ТЛЕР раководеше еден врвен експерт кој за општината по сите критериуми донесе рекордно низок број на проекти со кои директно допринесе за депресивниот развојот на Охрид.Еден од “многуте” проекти на екс раководителот е и проектот Духот на Охрид кој е вистинско сениште од проект. Во интерес на граѓаните и вистината следат “придобивките” од проектот. Имено, Европската Комисија врз основа на Финалниот ревизорски извештај од реномираната ревизорска куќа Ернст &  Ѕоунг утврдила неоправдани трошоци поврзани со проектот “Духот на Охрид” во вкупен износ од 6.178,00 евра од кои вкупно 5.560,20 евра се неоправдани парични средства  покриени преку ЦАРДС и 617,00 евра неоправдани трошоци од делот на сопственото учество (вкупно сопствено учество на проектот со парични средства изнесува 18.059,00 евра), наведуваат од ВМРО- ДПМНЕ.

Додаваат дека како неоправдани биле утврдени  и исплата на дневници за патување на проектниот тим во општина Певка.

– Со цел “размена на искуства” и “дискусија” за така-наречените активности поврзани со фантомскиот проект. Во однос на овие посети утврдено е дека по основ на дневници се исплатени повеќе парични средства од потребното во вкупен износ од 1.991,68 евра. Согласно политиките на ЕУ дневница се плаќа на секој член од делегацијата врз основа на ноќевање надвор од местото каде се реализирал проектот, односно за дводневна посета која се реализира надвор од Охрид, а која вклучува едно ноќевање се плаќа една дневница, а не две како што во овој случај се наградувал раководителот. Неоправдани трошоци се направени и при посета на прекуграничните партнери во вкупен износ од 832,00 евра во период од 06.11.2007 до 07.11.2007 година како и набавката на мебел во вкупен износ од 3.353,96 евра, мебел кој никој до ден денес го нема видено, додаваат од ВМРО- ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека Секторот ТЛЕР од април 2013 до денес има обезбедено финансиски средства во износ од 713.619 евра преку аплицирање пред домашни и меѓународни институции.

OhridNews