Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, прашува каде се снимките од прислушуваната опозиција, кога таа тврди дека со години е следена, пренесува „Макфакс“.

„Јавноста веќе оправдано се прашува како може цела опозиција да тврди дека е прислушувана, а да не излезе во јавност ниеден нивни разговор. Кого го потценува СДСМ“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако СДСМ поднесе проширена пријава за прислушувањето до Обвинителството.

Потсетуваат дека на изборите изгубија со над 200 илјади разлика и дека граѓаните се определиле за концептот базиран на работа и проекти, наместо за деструктивната политика на СДСМ за креирање кризи и држење во заложништво на граѓаните и државата.

„На крајот на краиштата јавноста ги виде и анкетите што Спасов им ги дал во кои јасно се гледа дека Пендаровски губи од Иванов. Ова е проѕирен обид за алиби за нивниот неуспех. Пендаровски очигледно ја научил добро школата на Бранко Црвенковски полна со интриги во која еден од професорите сигурно беше и Зоран Верушевски“, велат од владејачката партија.

Го повикаа Пендаровски, следниот пат кога ќе оди во Јавното обвинителство да каже како ги прибавил Зоран Заев прислушкуваните разговори. Со која странска служба соработувал Зоран Заев? Да објасни што странските тајни служби очекуваат од Зоран Заев за возврат?

OhridNews
извор:„Макфакс“