На седмите по ред локални избори во државава, осми за избор на градоначалник во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе настапат со 62 кандидати под мотото „Создади нова иднина“. Изборниот карван на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ традиционално тргна од Охрид.

Кандидатот за градоначалник на Охрид Кирил Пецаков од Античкиот театар, најави победа уште во првиот круг од изборите и мнозинство во советот. Рече дека ќе работи на економски инвестиции, раст и развој на стопанството, отворање на нови работни места и инвестиции во руралните средини, со цел да се стопира миграцијата на младите и да се поттикне локалниот развој, а Охрид да биде град на млади кои учествуваат во донесување на одлуки.

Додаде дека ќе работи на креирање на професионална адиминистрација со квалитетни луѓе кои имаат обврска да одговорат на потребит на граѓаните, економски силна општина со буџет креиран од граѓаните. Пецаков најави и дел од капиталните проекти во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за поубав и подобар Охрид.

Реконструкција на плоштадите „Св.Климент Охридски“ и „Крушевска република“, реконструкција на булевар „Македонски просветители“, катна гаража, максимално вложување и борба против создавање нови дивоградби и дивеење во урбанизмот, квалитетно и модерно образование, изградба на ново модерно и современо училиште, изградба на нова современа градинка, поддршка за спортот и спортските клубови, се наш врвен приоритет преку изградба на спортска сала во ОУ во Лескоец, во ОУ Ванчо Николоески, нови мултифункционални спортски игралишта, изградба и реконструкција на детски современи игралишта. – истакна Пецаков.

Пецаков најави и подобрување на инфраструктурата во руралните средини и решавање на проблемите со водоснабдувањето, како и проект за поставување  фотоволтаични панели, социјална грижа и еднаквост за сите лица. Порача дека секојдневните проблеми на граѓаните ќе бидат слушнати, а инфраструктурата ќе се подобрува за време на цел мандат. Потенцираше и дека мора да се развива спортскиот туризам преку модерна база за подготовки во Охрид, дека ќе се дава максимална поддршка во угостителско-туристичкиот сектор во Охрид, поддршка за чинителите во туризмот, поттикнување на здравствениот туризам.

Охрид да биде зелен и хуман град со зголемена еколошка свест со зголемување на зелените појаси и зголемување на зелена зона, со велосипетска патека од Охрид до Св.Наум. Ревитализација на Студенчишкото блато, поддршка на културното и природното наследство, промоција и унапредување на културните и духовни вредности. – рече Пецаков. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна  дека ова не се само локални избори, туку избори од кои зависат многу работи во државата и дека граѓаните треба да одлучат дали сакаат да продолжат да бидат сведоци на лошо владеење или се подготвени да создадат нова иднина. Во своето обраќање тој потенцираше дека ова се избори на кои граѓаните ќе кажат што мислат за актуелната власт и дека доаѓа време на обединување и еднаквост на сите народи. Мицкоски во Охрид го презентираше Концептот 3П според кој ВМРО-ДПМНЕ ја води изборната кампања, а тоа се Промени, Проекти, Победи. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави реализација на дури  14.835 проекти, и додаде дека  програмите со кои настапуваат на овие избори носат печат „Гарантираме“.

П за промена на системот на вредности кои сега владеат и лошото однесување, промена на свесноста, промена на системот на функционирање на државата, промена на грешките на политичарите кои ги правеле до сега.  Второто П е за проекти, тоа се проекти на развој, солидарност, проекти за грижа, проекти за подобрување на инфраструктурата, проекти за поквалитетна животна средина, проекти кои ќе не доближат до европските градови и држави. Третото П е за победи. За победа на духот над малодушноста, верба во квалитетот на нашиот народ, на сите етнички заедници, заедно е возможно со мобилизирање на сите капацитети дека ќе се постигнат успеси. Победа за победи во сите области. – рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека за Охрид го врзуваат доста спомени и дека Охрид заслужува промени, но и оти не е убеден дека Охрид е доволно ценет.

Работата со Охрид мора да се сфати сериозно. Охрид има свои проблеми не само како одраз на неспособноста на политиката на централната власт туку како одраз на недоволното работење на градоначалникот и продолжување на една традиција на лошо и корумпирано работење и раселување на младите од Охрид и немање перспектива. Затоа на Охрид ние му нудиме една нова иднина, базирана на трите столба од нашата програма, а тоа ќе значи имплементирање на нашиот план за развој за кој гарантираме дека ќе се реализира и дека ќе донесе нова енергија за Охрид. – подвлече Мицкоски.

Фото галерија:

Изборниот карван на ВМРО ДПМНЕ тргна од Охрид

К.Алексиеска
Фото: A.Момироска