Во рамките на Фестивалот на францускиот филм, во холот на Центарот на културата „Григор Прличев“- Охрид, во деновите 29 јуни-4 јули 2009, ќе биде поместена и изложба на црно-бели фотографии од уметничкиот фотограф Ги Фулон, од Париз.

Ова ќе биде трета средба на охриѓани и бројните гости со дел од творештвото на маестро Фулон, за која, за жал, нема соодветна најава.

Ги Фулон започнува да се занимава со фотографија за време на  Втората Светска Војна. Сосема самоук како фотограф, иако што имал извесни познавања од техника и лабораториска хемија,тој го започнува својот пионерски поход на 14 годишна возраст изработувајќи со сопствени раце фотолабораторија пред да има можност дури и да поседува фотоапарат.

Љубопитноста кон откривање нови видици го доведува дури и во нашите краишта. Во 1955 тој го  посетува Охрид  Првата средба со градот, поточно  Канео, каде е подигната прекрасната црква посветена на Свети Јован Богослов му оставило најсилен впечаток. Но, не само тоа, ами тука ја запознава и својата идна животна сопатничка професорката во охридската гимназија Јорданка Христова, со која повеќе од половина век , покрај Париз за свој втор дом го имаат избрано токму Охрид.


Ги Фулон има изострено око и чувство за естетско доживување на нештата што нас нè опкружуваат катадневно, но ние заради нашата секојденвна итаница не им обрнуваме внимание. На неговите фотографии ќе забележите исушен чатал од некое дрво над Канео, цркви, зданија архитектурни, старци в парк размуабетени онака од простум, слики од верски обичаи, разни пазарџии, занаетчии…луѓе покрај кои поминувате ,но на кои не сте им обрнале внимание.

Во неговиот плодороден повеќедецениски живот изработил стотини, па и илјадници фотографии, од кои голем број биле изложени на изложби во неговата земја и низ светот. Соработувал на голем број фото-монографии а негови фотографии среќаваме и на кориците од разни книги, кои не ја третираат само фотографијата. Разбирливо е дека вака вложениот труд му донел и бројни награди и признанија од кои ќе ја споменеме онаа престижната на парискиот „Есенски салон“ во 2005 година.

Владо Жура