Влезот во Дневниот центар “Зраци“, што се наоѓа на улицата „7-ми ноември“ во зградата на основното училиште „Братство и единство“, постојано е блокиран од паркирани возила. Несовесни граѓани просторот пред центарот си го користат за да го остават возилото, при тоа воопшто не грижејќи се што на тој начин им се оневозможува пристап на лицата кои секојдневно го посетуваат центарот. Меѓу нив има и лица кои отежнато се движат, па поради ваквите проблеми не можат да влезат, што кај нив предизвикува вознемиреност.

Просторот е неопходен и за кратковремено паркирање на возила на нивните блиски кои ги носат и земаат од центарот, со цел тие веднаш да влезат во возилата.

Роднините на згрижените лица и вработените во Дневниот центар упатуваат апел за поголема свест кај граѓаните да не го блокираат влезот. Истовремено ги повикуваат сообраќајната полиција и надлежните во локалната самоуправа да преземат мерки за решавање на проблемот, било со обележување на просторот или монтирање на сообраќајни реквизити со кои би се овозможило паркирање единствено на возила од граѓани кои го посетуваат центарот.

OhridNews за проблемот пишуваше и на крајот на минатата година, но и покрај апелите до сега не е најдено соодветно решение во интерес на центарот.

Т.К.