Откако Македонија прогласи кризна состојба и ги затвори јужната и северната граница на земјава поради напливот на илегални мигранти, во последниве 24 часа издадени се 181 потврда за азил на мигрантите, за разлика од претходните денови кога беа издавани повеќе од 1.300 потврди за странски државјани. „145 се од машки пол, 17 се од женски, девет се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 10 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање на право на азил“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

Полицајците се распоредени на граничната линија кон соседна Грција, а во теков на денов се очекува на полицајците да им се приклучат и припадниците на Армијата на Македонија. Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека во земјава се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата.

По информациите што се појавија во странските медиуми дека полицијата употребила солзавец за да ги растера мигрантите, од Министерството велат дека станувало збор за шок бомба, а не за солзавец.

„Полициските службеници се распоредени на терен, на граничната линија кон соседна Грција и постапуваат согласно наредбите и овластувањата за заштита на државната граница и обезбедување на мирот и безбедноста во пограничниот појас“, се вели во соопштението од МВР.

Во последниве два месеци откако беше донесен Законот за азил и привремена заштита низ земјава минале повеќе од 40.000 мигранти, од кои најмногу од Сирија.

Медиумите чии екипи се на терен јавуваат дека во Гевгелија пристигнал вонреден воз за мигрантите којшто требало да ги однесе до Табановце оние кои влегле на територијава на земјава пред да биде прогласена кризна состојба. Се појавија и информации дека дел од локалните жители ги внесуваат мигрантите во земјава за 50 евра.

Засега нема официјални информации за повредени полицајци и мигранти, иако странските медиуми, односно агенцијата Asossieted press повикувајќи се на соопштение од грчката полиција јави дека најмалку осум лица се повредени во судир меѓу полицијата мигрантите. Едно дете било повредено со шрапнел од шок бомба, којашто полицијата ја истрелала директно во толпата, според истиот извор.

OhridNews

извор Макфакс фото Танјуг