Најдобриот гитарист на балканските простори, светски познатиот музички уметник Влатко Стефановски, синоќа имаше блескав настап со своето трио во ноќниот клуб „Дак“ во Охрид. Влатко Стефановски трио одржа едночасовен мини концерт со одбрани нумери, кој се реализира во рамки на промотивната турнеја на „Амстел“ и „Скопска пивара“. 

– Ова се свирки кои не се најавувани, не се рекламирани, на кои присуствуваат пријателите на местата каде што настапуваме. Мене ми е драго да дојдам овде и како гостин, а уште подраго ми е да свирам. Не се тоа класични концерти, туку свирки во траење од час време, една летна варијанта, уживаме, нема стрес, нема голема амбиција, има само убава средба со гостите и пријателите на „Дак“ и „Скопска пивара“. – изјави во разговор за OhridNews Влатко Стефановски.

Оваа турнеја е само загревање за една посериозна соработка со „ Скопска пивара“ која ќе следи во 2016 година, открива Влатко и додава дека тоа ќе биде пријатно изненадување за обожавателите на неговата музика.

-Јас се обидувам да објавам нов албум. А пред да го направам тоа сакам да направам еден “The best of“ албум со најзабележаните нумери коишто сум ги создал во изминативе петнаесет – дваесет години. Мојот прв соло албум беше 1994 година. Меѓутоа не е така лесно да се направи таков албум. Јас почнав да компилирам, барам, копам по стариот материјал, и не е лесно да одбере човек, за што да се одлучи. А инаку се рабира дека подготвувам и нов албум и полека собирам идеи за едно ново издание. –истакна Стефановски.

Ова лето Влатко ќе го мине работно. Неговиот календар е максимално набиен, а слободно време речиси и да нема. Сепак, Влатко не му оддолеа на Охридското Езеро. 

– Верувај ми цело лето патувам. Средина на лето е, а ние веќе се утепавме од патување. Јас бев и два пати на Јадран, еднаш свирев во Опатија, еднаш на Бриони, бевме еднаш со триото во Романија, бев два пати во Словенија, свирев во Љубљана и во Брежице. Со Џибони направивме еден интересен проект, ги спојуваме бендовите, дел од неговиот бенд од Хрватска и моево трио од Македонија. После три дена не очекува настап на гитаријадата во Заечар, па во Чаковец. Имаме навистина интересни соработки, јас бев и во Гермaнија, свирев со симфонискиот оркестар на Лајпциг,во склоп на проектот “Balkan fever” со Теодосиј Спасов и Мирослав Тадиќ. Не сум се прибрал цело лето дома, а следуваат уште многу концерти. Време за одмор немам, но денеска се избањав во Охридското Езеро, не прошуштам кога сум блиску до вода и супер ми дојде.-рече Влатко, додавајќи дека после скопските 40-ки, Охридското Езеро му дошло како лек. 

Големиот виртуоз на гитара го запрашавме за мислење околу музичката и културна понуда на Охрид, која години наназад претставува микс од супер квалитетни настани и настапи на познати естрадни имиња, до класичен кич, кој, за жал е се поприсутен.

-Немам рецепт како тоа да се реши. Тоа е сигурно прашање на Охрид како град. Охрид мора да се заштити самиот. Знаеме што значи Охридско лето и каков фестивал е тоа. Тој нуди разноврсна и многу богата програма. Се разбира, естрадава напаѓа од сите страни, има по три концерти во една вечер и претпоставувам сите еден на друг си сметаат. Секој кафиќ има своја музика и еден на друг си сметаат. Навистина немам рецепт како тоа да се реши. Има начини веројатно, ама и малку Охрид би требало да ја распореди програмата во текот на цела година, не само во август да биде се и се околу 1 и 2 август, тоа навистина е неблагодарно. Тешко е тоа. Од една страна туристичките работници сакаат публика, сакаат да се трошат кревети, храна, пијалаци, а од друга страна луѓето со добар вкус сакаат да уживаат во добра музика во добар концерт, театар, филм. Од трета страна тука е естрадата и многу е тешко да се најде мерката и каде е линијата на добар вкус, каде вкусот превагнува во кич и не е мое ниту да судам, ниту да напаѓам, Охрид треба да поведе сметка што прави.-рече Влатко Стефановски.

Горан Момироски.

ФОТО ГАЛЕРИЈА


Влатко Стефановски трио приреди вистинско музичко уживање во „Дак“