Големиот македонски гитарист Влатко Стефановски на концертот со светски познатиот гитарист Мирослав Тадиќ, со кој беше одбележан 59 роденден на фестивалот „Охридско лето“, синоќа на Античкиот театар, упати моќна порака за зачувување на универзалните вредности на Охридскиот регион, поради кој тој веќе четири децении е прогласен за светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.

-Се приклучувам кон сите апели на луѓето со добра волја за заштита на Охридското Езеро, зато што без него нема да има ништо, ќе го нема ниту „Охридско лето“, рече пред преполниот аудиториум Влатко Стефановски.

Стефановски истакна дека му е посебна чест што секогаш настапува во Охрид пред полно гледалиште и што и овој пат тоа е со извонредниот гитарист Мирослав Тадиќ кој 40 години живее и работи во САД. Тие двајца соработуваат успешно две и пол децении, а синоќа на Античкиот театар приредија извонредно музичко доживување за публиката.

Стефановски и Тадиќ изведоа познати македонски песни како Јовано Јованке, Калеш бре Анѓо, Са ноќ седам Трено, Македонско девојче, Елено ќерко…. Изненадување за публиката беше виолинистката Ивет Џонсон, од САД, која гостуваше на неколку нумери кои, како и целиот концерт, измамија долготрајни аплаузи.

OhridNews