Тој ги посочува реката Грашница, уништувањето на салмонидната фауна и нефункционалниот колектор како најжешки еколошки точки, додека пренасочувањето на реката Сатеска во Охридското Езеро според него е една од најголемите грешки на властите.
– Сатеска претставува страно тело за Охридското Езеро и прави голем проблем, бидејќи не носи само загадена вода, туку и големи количини песоклив и колоиден нанос кој се таложи во езерото, вели Наумоски.
Тој смета дека властите не ги решаваат еколошките проблеми на Охрид и Охридското Езеро кои стануваат се побројни, а забелешка упатува и кон државните органи и тела формирани за заштита на езерото.
-За жал сеуште имаме поединци од минатото кои не покажаа резултати и еколошка одговорност, туку се вметнати во некои партии, заземаат одредена положба во истите, а во јавноста фигурираат како некакви предлагачи и спасители за решавање на еколошките проблеми, смета Наумоски.
Тој ги повика медиумите да понесат поголема одговорност за решавање на еколошките проблеми, кои, според него, претставуваат голема закана за одржливиот развој на регионот.