Премиерот Зоран Заев очекува кон крајот на месецов или почетокот на следниот да започне масовната имунизација во земјава. Кон крајот на месецов, како што денеска изјави, се очекуваат првите количини преку Ковакс системот, а следната недела и вторите дози од руската вакцина „Спутник“ со која се вакцинираат здравствените работници.

На 30-ти овој месец во земјава треба да допатува и кинескиот министер за одбрана кој најверојатно ќе даде и попрецизна информација кога ќе пристигнат кинеските вакцини.

Она што го знаеме по сите информации е дека на крајот на март ги очекуваме првите количини од Ковакс системот. На 30-ти доаѓа министерот за одбрана на Кина и веруваме дека ќе донесе попрецизна информација кога ќе стигнат и кинеските вакцини. Мислам дека кон почетокот на следната недела ќе стигнат и вторите дози од „Спутник“ кои се користат за здравствените работници, изјави Заев по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.

Покрај здравствените домови и здравствените установи каде може да се врши имунизација, се подготвуваат и дополнителни објекти со цел побрзо да се спроведе масовната имунизација на населението.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека очекува солидарност за вакцините пред се, од Европската унија.

Знам дека комесарот Вархеј прави максимални напори, знам дека легнаа на сметка одредени пари со кои треба да платиме. Тоа се донации, европски пари. Не ги знам деталите, соодветните министри ќе ги соопштат, но знам дека прават се, рече Заев.

САД, како што додаде, можеа од 850 илјади вакцини, дневно да одвојат две илјади вакцини или 20 илјади за регионот којшто не е во ЕУ, а е кандидат за членство. Србија се снајде и со своите позиции – НАТО неутрална, направи чекори порано. Ние сите други направивме чекори подоцна и денес сме во иста ситуација. Но, во сложена и комплицирана ситуација се и САД и земјите членки на ЕУ. Буквално и таму атмосферата е иста додека трае процесот на вакцинација, подвлече Заев.

Во меѓувреме, Европската Комисија денеска воведе неколку промени во својот механизам за авторизација на извоз на вакцини кон трети земји, целта е да има поголема транспарентност во трговијата со вакцини, една од последиците е што земјите од западниот Балкан нема повеќе да бидат изземени, вклучително и Северна Македонија.

Овие промени следуваат откако ЕУ се соочи со бројни проблеми околу испораката на вакцини од страна на фармацевтските компании и недостатокот на дози во земјите членки за да се вакцинира населението.

Механизмот подразбира дека од сега натаму пропорционалноста и реципроцитетот ќе бидат водечки принципи на дозволите за извоз на вакцини кон трети земји.

Според претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, потребата од овие промени доаѓа од тоа што земјите на ЕУ се соочуваат со трет бран од Ковид-19, додека некои компании не си ги почитуваат обврските од склучените договори за испорака на дози во ЕУ.

Освен промените во делот на реципроцитет и пропорционалност, денешните измени во регулативата вклучуваат и седумнаесет земји кои досега беа изземени од овој механизам за надзор на извозот, меѓу нив е и Северна Македонија, како и сите други земји од регионот и уште единаесет земји ширум светот.

Остануваат изземени 92 земји со низок или среден приход како и извозот на вакцини за хуманитарни цели.

OhridNews