Советот на општина Охрид, на денешната седница, не ја прифати Предлог одлуката за финансиска поддршка на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, единствената таква во државата. Со ова, Советот на општината потврди дека безбедноста и здравјето на граѓаните им е на последно место во приоритетите, велат резигнирано од Планинската спасителна служба и Црвениот крст Охрид, кои изразија разочараност од односот на политичарите.
И покрај стотиците успешни интервенции во изминатите 19 години, и покрај огромните жртви на волонтерите кои го ризикуваат сопственото здравје и живот за да го ублажат страдањето на другите, и покрај силната поддршка од Европската Унија и писменото укажување до Градоначалникот и советниците, сепак на денешната седница, Советот на општина Охрид, речиси едногласно ја отфрли одлуката за финансиска поддршка на единствената служба во државата, која за граѓаните на територијата која ја покрива, нуди 24 часовна услуга по највисоките светски стандарди. Со ова, Советот на општината потврди дека безбедноста и здравјето на граѓаните им е на последно место во приоритетите. – се вели во реакцијата на Црвениот крст Охрид.
Оваа година Планинската спасителна служба интервенирала во најмалку пет наврати. Освен што се спасуваат човечки животи, се чува и имиџот на градот како безбедна дестинација, но тоа очигледно не им е важно на политичарите, стои во реакцијата.
Засрамени што воопшто припаѓаме на ова време, во кое комплетно се обезвреднува човечкиот живот, во оваа прилика сакаме да им заблагодариме на Градоначалникот и Советниците, за лажната поддршка која при секоја средба ни ја изразуваат и која официјално ја потврдија со доделувањето на Свети Климентовата повелба за 2019 година. Од истата јавно се откажуваме, со едногласна одлука на сите волонтери од Службата и во текот на следните денови официјално ќе ја вратиме во Општината. – велат охридските спасители.
Од Планинската спасителна служба додавата оти остануваме во служба на граѓаните и понатаму, сѐ додека ќе може да издржат, упатувајќи силна критика кон политичарите кои во општината.
Се надеваме дека ваквата едногласна одлука на Советот, ќе остане длабоко запишана во историјата на општина Охрид, како пример за останатите состави на Советот, но и како одлика на времето во кое живееме, време во кое властите најниско ги вреднуваат човечкиот живот и волонтерскиот труд на сопствените граѓани, оние на кои треба да им служат. Нека им служи на чест. – стои во реакцијата на Црвен крст Охрид.