Иницијативниот одбор за влегување на Советите во ЗЕЛС од Југозападниот регион, со кој раководи претседателот на охридскиот Совет, Владо Чингоски, на седницата што денеска се одржа во Охрид ги утврди кандидатите кои ќе ги претствуваат советите од регионот во работата на Заедницата на единиците на локаланта самоуправа -ЗЕЛС.
Република Македонија е поделена на 8 региони, а во Југозападниот регион со кој раководи Охрид партиципираат 13 општини, кои во ЗЕЛС ќе бидат претставувани од 9 делегати, изјави за Ohridnews, Владо Чингоски. Тој вели дека критериумите за избор на делегатите се исклучително строги, бидејќи при тоа мора да се запази соодносот помеѓу позицијата и опозицијата, руралните и урбаните средини, како и да се води сметка за соодветна застапеност на малцинствата и жените.
На 24 април на Собрание на ЗЕЛС ќе се верифицираат мандатите на 46 делегати од Советите на општините кои во иднина ќе учествуваат во работата на ЗЕЛС. Советите ќе партиципираат во Управниот одбор на ЗЕЛС со тројца членови, двајца претставници советите ќе имаат во Надзорниот одбор, осум членови ќе партиципираат во работата на Комитетот на совети кој наскоро ќе биде формиран, а по двајца членови советите ќе учествуваат во работата на сите комисии на ЗЕЛС.
Чингоски вели дека Советите не се докрај задоволни со вака утврденото учество на советите во работата на ЗЕЛС, но вели дека ова е голем чекор во враќањето на Советите во работата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Тој изрази надеж дека во скора иднина советите на општините рамноправно ќе учествуваат во работата на ЗЕЛС бидејќи според законот за локална самоуправа токму советите имаат бројни ингеренции и одговорности кои се од големо значење за развојот на општините. Оттаму, смета Чингоски, потребно е советите да бидат рамноправно вклучени во работата на ЗЕЛС која ги застапува интересите на локалните самоуправи во преговорите со централната власт.
Ohridnews