Политичките партии не ја почитуваат волјата на базата и немаат внатрешна демократија, смета актуелниот претседател на Советот на општина Охрид и некогаш многу експониран и влијателен член на СДСМ, Владо Чингоски. Како потврда на своите ставови Чингоски ја смета одлуката на централата на СДСМ да не ја прифати неговата кандидатура за пратеник во 2006 година, иако како што рече, 33 од вкупно 34 месни ограноци ја подржале неговата номинација.
– Ја имав поддршката од 33 од вкупно 34 месни организации, а јас сепак не бев ставен на листа за пратеници, втор на листата се најде Илија Илоски, кој нема никаква поддршка и имаше само 5 номинации. Џабе јас имав најголем број номинации во Охрид. Тоа е така и така и ќе остане. Листите за советници и пратеници се прават по директива од Скопје и локална демократија нема. Сето тоа кога се прават тие постапки за избор на кандидати во партиите е обична фарса колку за да се задоволи некоја партиска процедура и ништо повеќе од тоа. Општинските организации немаат автономија и нема ни да ја имаат некогаш– изјави во емисијата Соочување со Љупчо Таневски, претседателот на Советот на Општина Охрид и долгогодишен член на СДСМ, Владо Чингоски.
Чингоски рече дека и во периодот кога се правела листата на актуелни советници во Советот на општината се случила истата игра и се вршеле како што ги нарече „странични притисоци“, од луѓе кои се во централата на партијата во Скопје.
– Праксата во повеќепартиското функционирање се покажа дека се знае како функционираат тие работи, има функционери на централно ниво кои кој дава одреден диктат и ако се излезе од таа рамка се санкционираат непослушните, јас се спротивставив и тоа ме чинеше секретарско место во партијата и маргинализирање. Не прифаќањето на овие директиви ме направи колатерална штета – рече Чингоски. Тој рече дека тоа од него тогаш го побарал лично и како што вели му наредил да си оди тогашниот партиски лидер и премиер Владо Бучкоски. „Охрид си има свој човек кој е во Скопје, од Охрид, таму е влијателен, беше шеф на изборниот штаб, ако не се послуша тој, непослушните трпат одредена санкција“, вели Чингоски.
На прашањето како се прават тие притисоци во партиите и со што се манифестираат Чингоски одговори:
– Тие мене нема со што да ме уценуваат, туку формираат некој лоби групи преку вршат некое влијание и притисоци внатре во партијата. После тоа почнуваат притисоците преку телефонски па јавувања со кои се дава диктат од типот, тој и тој човек да се најде на тоа место на некоја листа. Ако не се реализира диктатот се добива санкција, како во мојот случај – рече Чингоски. Според него во партиите сега во моментов постојат длабоки судири од групи кои застпауваат странични интереси.
Чингоски отворено проговири и за понудите од НСДП кои ги имал во моментите кога локалните тела на оваа партија паднаа во криза.
– Понуди добив лично до Тито Петкоски, а разговарав и со локалниот лидер Попоски, јас кажав дека за сега не размислувам да преминам во таа партија, но, како е онаа народната, никогаш не вели никогаш, потенцира Чингоски.
ohridnews