Владиката дебарско-кичевски Тимотеј вчера изјави дека на претстојната седница ќе побара од Поглаварот да им каже зошто со непознат човек сакал да склучи договор за обнова на хотелите „Изгрев“ и „Бисер“ и за изградба на уште еден нов во вредност од 83 милиони евра. „Дневник“ вчера објави дека архиепископот Стефан направил таков договор со македонски иселеник од Австралија, кој од неодамна издржува затворска казна во Перт поради направениот криминал. Освен ова, тоа лице меѓу македонското иселеништво на петтиот континент е познато како личност со сомнителен морал и во никој случај не поседува 83 милиони евра.
– Сите информации за тој случај ги примам со резерва, но сакам да знам што е точно. Во секој случај за таков договор тој морал да го извести Архиепископскиот управен одбор, но не го направи тоа. Не знам кои се причините за тоа и сакам да ми одговори зошто така постапи – изјави вчера владиката Тимотеј.
За АУО на МПЦ е особено спорно тоа што предмет на договорот за реновирање бил и хотелот „Бисер“, кој МПЦ го има добиено на трајно користење. Односно, фактот дека за закупување и користење на овој хотел не може да решаваат само архиепископот и Скопската епархија бидејќи не е во нивната, туку во надлежност на АУО. Владиците на МПЦ посочуваат дека архиепископот морал да се консултира со нив дали нашиот сонародник од Австралија има толку пари. Според договорот, тој требало да инвестира вкупно 83 милиони евра „сопствени пари“.
– Ние, како и сите наши сонародници во Австралија, ги познаваме нашите луѓе што се успешни во бизнисот и кои евентуално би можеле да имаат толку пари. Личноста посочена во договорот сигурно нема толкаво богатство – велат достоинствениците на МПЦ.
Во Кабинетот на архиепископот вчера не сакаа да изнесуваат нови детали за случајот. Инаку, договорот бил заверен и кај еден скопски нотар. Во Нотарската комора на Македонија вчера ни објаснија дека заверката се однесувала само на потписите на архиепископот Стефан и на нашиот иселеник од Австралија. Со таквата заверка само се потврдува дека нивните потписи се веродостојни, но нотарот не навлегувал во содржината на договорот, кој не стапил во сила.