Со назнака „Итно“, до Уставниот суд испратена е Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба донесена на седница на Влада на 03.04.2020г, и на дополнувањето на истата изгласано на седница на Влада на 10 јуни, дознава OhridNews. Во иницијативата поднесена од фирмите кои управуваат со плажите „Куба Либре“, „Потпеш“ и „Кадмо“, преку адвокатското друштво „Ѓоџо, Кичеец и Новаковски“, се бара посочените уредби да се прогласат за неуставни и истите да се укинат за да не произведуваат правни последици.

Подносителите на оваа иницијатива се правни лица кои веќе подолг временски период обавуваат дејност како угостителски објекти на плажи на Охридското крајбржје. Иницијално објектите се изградени во согласност со проект наложен од страна на закуподавачот, по склучување на договори за закуп во траење од по 5 години (секој за предметната плажа) по завршување на постапка за јавно наддавање. По истекот на овие први договори е спроведено ново јавно наддавање, каде подносителите повторно се најповолните понудувачи и повоторно се склучени договори за закуп од 5 години. По истекот на периодот определен во овој втор по ред закуп, со значително задоцнување од страна на надлежните органи во јули 2018 година беше започната нова постапка за јавно наддавање за трет период од 5 години . Овие постапки за јавно наддавање до ден денес сеуште не се финално завршени поради голем број на пропусти во спроведувањето. – стои во образложението на иницијативата.

Во однос на посочената Уредба и дополна на Уредба, донесени во реме на вонредна состојба од Техничката влада, во Иницијативата пред Уставниот суд се истакнува дека истите немаат никаква врска со вонредната состојба која е прогласена во државата поради епидемијата со COVID-19.

Фактот дека побиваните уредби се однесуваат на материја која нема допирна точка со спречување на ширење на COVID-19 епидемијата значи дека уредбите се косат со член 15, став 1 од Европската Конвенција за Човекови права, каде е предвидено дека мерките кои се преземаат во вонредна состојба мора да се во согласност со барањата кои ги наложува конкретната вонредна состојба. Имајќи го предвид член 15, став 1 од Европската конвенција за човекови права јасно е дека мерките на влада т.е. уредбите со законска сила мора да се однесуваат директно на справување со ширење на епидемијата со COVID-19. Од овој аспект сметаме дека Владата на Р.С.Македонија ги пречекорила своите овластувања со донесувањето побиваните уредби. – стои во Иницијативата.

 

Во владината уредба дополнета на седницата на 10 јуни е наведено дека надозорот над вршењето на дејноста ќе го прават Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат чии надлежности не се компатибилни со надлежностите на овие органи, велат правните застапници на поднесителите на Иницијативата.

Тие бараат итно запирање на постапката поради најавите на владини претставници за уривање на плажите, односно враќање на просторот со кој стопанисуваат во првобитна состојба, што, како што се наведува во Иницијативата, претставува сериозен ризик да настане огромна, ненадомествлива штета и други финансиски
реперкусии за подносителите.

Г.М.

Поврзани вести:

Адеми: Плажите на Охридското Езеро мора да се вратат во првобитна состојба 

Општина Струга: Одлуката на владата за плажите погубна за туризмот 

Пендовски: Ни се смачи со години да не третираат како криминалци, ќе ги вратиме плажите какви што беа пред десеттина години заедно со ѓубрето со кое беа прекриени 

Куба Либре: Владата да ја преиспита одлуката за плажите и да направи дистинкција помеѓу тие што почитуваат и не почитуваат закони 

Градоначалникот на Охрид ја поздрави владината одлука за управување со плажите 

Владата со Уредба бара закупците да ги вратат во првобитна состојба плажите чии договори се истечени