Со положување цвеќе на могилата на Даме Груев, на Споменикот на смилевските илинденци и на спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, во демирхисарското село Смилево, висока владина делегација предводена од министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во придружба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, им оддаде почит на смилевските илинденци и партизани чија пожртвувана борба е вткаена во темелите на нашата државност.
Крушевскиот манифест и Декларацијата на АСНОМ се четива со европски вредности, достојни, и денес, и за проучување и за почитување. Воедно, сите наши Илинденци испратија и јасна порака до целиот свет дека – „Македонско име нема да загине“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска
Илинден, посочи министерката Костадиновска Стојчевска, е празник над сите празници.
И денеска, под ова Сонце на слободата, велиме – Илинден е нашиот одговор на секое наше негирање, на секое посегнување по нас, на секое изживување со нас. Ние одамна си го врвиме својот пат и си ја гледаме својата работа. Го подигнавме бајракот за СМРТ или СЛОБОДА, без двоумење застанавме под бајракот на антифашизмот. Секогаш сојузници на доброто, секогаш на страната на праведното, рече министерката Костадиновска Стојчевска.
Со положувањето цвеќе на трите спомен обележја во Смилево, посета на меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и пригодна културно уметничка програма, граѓаните и државниот врв денеска под мото „Нашата сила за иднината“ го слават големиот државен празник – Денот на Републиката 2 Август и Илинден.
OhridNews