Светски познатиот џез и фанк музичар од Охрид, Владимир Четкар, со концерти во Њујорк, Детроит и Скопје.
На 26 април, Владимир Четкар ќе настапи во Њујорк во познатиот музичкиот клуб Chelsea Table & Stage каде ќе се претстави со своја авторска музика и аранжмани, а таа вечер специјален гостин ќе му биде и легендарниот диско артист Ди Си Лару, кој своевремено беше издаван од прочуената музичка куќа Казабланка Рекордс.
На 3-ти мај Четкар патува за Детроит каде ќе одржи концерт во џез клубот Aretha’s Jazz Cafe at the Music Hall. По Њујорк и Детроит, македонскиот музички амбасадор ќе настапи во Скопје во Mosh – lounge & music bar, каде на 18 мај, сабота, после подолго време ќе се претстави пред домашната публика, информира тимот на Владимир Четкар.
Покрај овие концерти Четкар ќе биде ангажиран и во Америчките студијата Electrical Audio и Hi-Fi Studios каде ќе ги направи завршните снимања за потребите на неговиот нов студиски албум кој ќе биде промовиран оваа година.
Овој месец, исто така, ќе се промовира уште еден нов ремикс на музиката од Четкар, а ремиксот доаѓа од Виена од диџеј продуцентот Mannix Kling кој ја ремикса песната All For You. Ова е 3 ремикс по ред на авторската музика на Владимир Четкар кој ќе биде издаден во последните 12 месеци и кој доаѓа после ремиксите на Dr. Packer од Австралија и The Knutsens од Шкотска што е уште еден доказ за огромниот интернационален интерес за музиката на македонскиот музички кантавтор и изведувач, додаваат од тимот на Владимир Четкар.
OhridNews