Владимир Четкар секстет синоќа на преполната летна тераса покрај базен во ново отворениот хотел „Филип“ приреди фантастична забава, која долго ќе се памети. Поделен во два дела концертот на Владимир Четкар секстет на публиката и понуди несекојдневно музичко доживување. Кулминација на вечерта беа феноменалните импровизации на шестмината музички уметници кои ја кренаа публиката на нозе, а како изненадување заедно со Владимир Четкар настапи познатиот контрабасист Мартин Ѓаконоски Шпато.

-Вечерва настапуваме како секстет македонски музичари, со аранжмани на мои композиции направени специјално за оваа постава: Филип Стевановски на тромбон, Сенат Усеин – труба, Борислав Веселинов – тенор, саксофон, Дионис Стратов – бас и Виктор Филиповски на тапани. – изјави Владимир Четкар.

Владимир Четкар не го криеше задоволството од прекрасната атмосфера на концертот од кој зрачеше позитивна енергија.

-Оваа интимна атмосфера само нашиот Охрид може да ја создаде. Вечерва е пријатно и топло на празникот Св. Петка, атмосферата е преубава, а и луѓето присутни на концерот и ова е еден мал придонес за тоа што му доликува на Охрид.-истакна Четкар.

Синоќешниот концерт е најава за настапот на „Нишвил“ фестивалот, кој ќе се одржи во Ниш, Србија, а кој ќе го отвори Владимир Четкар секстет.

-Имам интересна агенда ова лето, а “Нишвил“ дојде како јаготка на тортата, бидејќи како најголем фестивал во регионот ми ја додели честа да го отворам фестивалот. На отворањето се очекуваат околу 10.000 посетители. Пред пет години таму настапив со интернационална екипа, овојпат бендот е составен само од Македонци. Турбулентни се времињата и сакам нашите вредности да се покажат на вистинско место и сцена. Ниш ме испочитува многу повеќе од некои домашни институции и фестивали, па ќе бидам дел од најголемиот фестивал во Југоисточна Европа на кој годинава настапуваат светски познати имиња како „Инкогнито“, „Сандра оркестра“ … Многу сум среќен бидејќи тие импортираат од кај нас квалитетна музика, а ние од кај нив најголемиот кич, за жал, затоа што во Србија има навистина квалитетни музички уметници и не мора да биде само турбо фолк.-рече Четкар.


Владимир Четкар секстет

На концертот на Владимир Четкар секстет на летната тераса на хотелот „Филип“ присуствуваа познати музички уметници, како и јавни личности и вљубеници во добрата музика.

Г. Момироски