Охрид мора внимателно да ја креира културно-музичката понуда, која сериозно е загрозена со неквалитет и кич кој се форсира заради интереси на поединци, а на штета на градот, вели познатиот џез музичар Владимир Четкар. Овој роден охриѓанец, чија музика се слуша на сите светски меридијани, смета дека наместо нетипични правци за ова поднебје, како турбо фолкот, градот треба да ја негува традиционалната изворна музика, посочувајќи дека странските туристи многу повеќе ги ценат автентичните вредности.

-Таа музика ќе го чепне секој странец ќе го натера да се напие македонско вино, да вкуси македонско јадење, ќе ужива во таа понуда а не во јадења и музика кои не се типични ни за Охрид ни за Македонија. Нека ја слуша таквата „музика“ но на соодветно место а не да ечи цел град, тоа ни во Хондурас го немам доживеано каде најмалку е регулирано.-вели Четкар.


Владимир Четкар

Дваесетина години наназад за најголемиот национален празник Илинден во Охрид гостуваат странски музички ѕвезди, најмногу од соседните држави. Така е и оваа година кога во очи празникот на 1 август на стадионот Билјанини извори концерт ќе одржи познатата српска турбо фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ, на Антички настапува акапела атракцијата „Вока пипл“. Следниот ден во Парк е Грин бич фестивалот, а на Антички гостува диџеј атракцијата Дерик Меј во придружба на Македонската филхармонија. Тука се и бројните настапи на естрадни ѕвезди на охридските плажи, по клубовите и баровите, како и настаните од фестивалот Охридско лето, каде ќе може да се чуе се, од класика до турбо фолк.

Четкар смета дека Охрид треба создаде механизам кој ќе ја исфилтрира музичката понуда која треба да биде соодветна на амбиентот во градот, кој е меѓу ретките 30 места во светот каде и природното и културното наследство се под заштита на УНЕСКО.

-Никој никому не може да забрани што ќе слуша или ќе пушта но самиот град самата аура на Охрид тоа треба да го контролира и исфилтрира што тука ќе се слуша. Се што е светско наследство како Охрид и Охридското Езеро, и музиката која е светско наследство како изворната музика, класиката, поп музиката, џезот, сето тоа прекрасно ќе се вклопи во Охрид.-вели Четкар.

Според Четкар Охрид треба да има понуда за сечиј вкус, но музиката која се пушта во локалите на отворено да не биде прегласна и да ечи до раните утрински часови, туку да биде контролирана и да запира во нормално време на полоќ или еден час подоцна, како што е во сите туристички места во светот.

Во видео интервјуто за OhridNews, Четкар изразува загриженост за се поизразениот тренд на иселување на младите од градот кој, според него, не ја добива потребната грижа. Искреното видување на состојбите во Охрид на Четкар може да го проследите тука:


Видео интервју со Владимир Четкар

OhridNews