Македонската црковна делегација вчера доцна попладне пристигна на скопскиот аеродром од Истанбул, каде оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј. Во црковната делегација беше и митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој ги пренесе впечатоците од Цариградската средба.

Двете страни, како што истакна владиката Тимотеј, се согласиле дека дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ, мора да продолжи.  „ Постоењето на Македонската православна црква  е потребно  да биде прифатено од православните сестрински цркви, затоа што тоа е во интерес на сеопштото православие, а не само на македонскиот народ и на православните луѓе кои се црквуваат во МПЦ“, им изјави на новинароте по пристигнувањето од Истанбул, г.Тимотеј.

На средбата Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, не дал конкретен предлог како да се реши проблемот меѓу МПЦ и СПЦ, но се заложил за ослободување од затвор на Зоран Вранишковски -расчинетиот владика Јован.

Дипломатската офанзива на МПЦ продолжува во Москва, каде претставници на Светиот Синод наскоро ќе се сретнат со поглаварот на Руската православна црква, Алексеј Втори.