Владата денеска на седница треба да донесе одлука со која ќе се намалат цените на над 50 прехранбени производи за најмалку 10 проценти. Референтна цена за намалувањето на цените за 10 проценти е 1 август, а одлуката ќе биде во сила до крајот на ноември годинава. Производите опфатени со одлуката во маркетите ќе бидат означени со гарантирана цена.
Многу повеќе од 50 производи се, околу 25 категории. На листата се речиси сите прехранбени производи, од пекарската, млечната, месната индустрија, а има и вид на наполитанки кои се продаваат во државава. Генерално листата е преземена од Државниот завод за статистика согласно со нивните методологии за утврдување на инфлацијата и на производите се трошат повеќе, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Со одлуката на Владата ќе има обврски за трговците на мало и на големо, како и за домашните производители.
Во договор со стопанските комори и сите чинители во секторот трговија во маркетите производите што ќе бидат опфатени со владината одлука ќе бидат означени со „гарантирана цена“. Секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе има можност да види ознака со која ќе биде наведена гарантирана цена и ќе се знае дека нема да поскапува до 30 ноември.
Министерот за економија ги повика производителите и диструбутерите кои не се на листата доброволно да се пријават за намалување на цените, со што нивните производи ќе имаат ознака „гарантирана цена“.
Со одлуката за забрана за акции што е во сила од викендов, според министерот, ќе се спречи преку ознаката за гарантирана цена да се подметнат производи од магацините од кои трговците сакаат да се ослободат.
Сите производи кои согласно денешната владина одлука ќе поевтинат за 10 проценти, ќе може да се ставаат и на „акциски“ продажби во маркетите, но по цени пониски од веќе намалените. Доколку, пак, „акцијата“ е поради рокот на траење на производите, тоа ќе мора да биде јасно наведено – дека намалувањето на цената е поради истекот на рокот на производот.
За подобра заштита на потрошувачите, Министерството за економија изготви ново законско решение за нефер трговски практики, кое содржи одредени механизми за казнување и злоупотреба во делот на формирање цени Предлог законот за нефер трговски практики ќе биде поднесен во Собранието со европско знаменце. Исто така, ќе се зголемат и надлежностите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Владата подготвува нов антикризни мерки од кои, според најавите, дел би стартувале од ноември, а во фокус ќе бидат ранливите категории граѓани. Финансиите се предвидени во владината Одлука за прераспределба на средства од Буџетот, која е ставена во предложениот дневен ред на 126. седница на Собранието што е најавена за денеска. За деветтиот пакет антикризни мерки се предвидени 4,55 милијарди денари.
OhridNews