Владата од денеска ја почнува кампањата „Сега се е јавно, корупцијата не се исплати“. Целта е да се мобилизираат и охрабрат граѓаните и јавната администрација во обезбедувањето на заштитни механизми и отпор против корупцијата.Станува збор за широка комуникациска кампања со цел да се информира јавноста за оваа појава и да се распознае и пријави корупцијата. Изработени се три спота во кои се претставени случаи на корупција и заштитните механизми, a ќе биде креирана и посебна интерактивна веб страница. Премиерот Зоран Заев, кој денеска заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски ја промовираше кампањата, порача дека Владата и граѓаните се на иста страна во борбата против корупцијата.

Не постои ситна или голема корупција, ниту пак различен пристап меѓу големата и малата корупција. Пристапот е единствен, на корупцијата мора да и ставиме крај без разлика од каде доаѓа и кој се нејзините димензии, истакна Заев на прес-конференцијата во Владата.

На кампањата, рече Заев, треба да се гледа како на придонес за синхронизирана комуникација и за остварувањето на приоритетите утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Вицепремиерот Николовски рече дека во изминатиот период се менува пристапот и дека сега, секој може со само неколку клика да ги види сите јавни набавки, учесници во тендери и други информации.

Ова е борба во која секој поединец е важен. Резултатите зависат од сите нас, и очекувам дека сите заедно ќе ја постигнеме целта – институциите да постапуваат координирано и да постапуваат, а граѓаните да пријавуваат, порача Николовски.

Тој додаде дека на кампањата и претходеле опсежни и длабински анализи и проценето е дека постои потреба од ваков тип на комуникација со граѓаните.

Во следните 15 дена, како што најави Николовски, ќе биде промовиран и централизиранот систем за пријавување корупција и следење на сите предмети во рамки на институциите, креиран со поддршка на УСАИД.

 

OhridNews