Откако судот во Скопје вчера го прогласи за виновен колумнистот Љубомир Фрчковски за клевета на премиерот Никола Груевски во текст објавен во дневниот весник „Дневник“, Владата почувствува потреба да дообјасни на што всушност се однесувала тужбата во текстот „Окта визави Кољо Дијамантот“. Во соопштението се вели:
„Тужбата и клеветата од текстот на Љубомир Д. Фрчкоски не се однесува на прашањето дали е склучен штетен договор и дали е тоа направено од глупост, корупција или двете заедно, туку заради тврдењето дека: “За утврдување на монополските погодности на “Окта“ критичен е еден од анекс-договорите склучен од Владата во 2000 година, кој не е доставен за увид на Парламентот, а кој го има потпишано тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер. За содржината на тој анекс, која можела да биде најразлична (дури и независно од основниот договор), а која е мошне штетна за нас, директно се одговорни премиерот и потпишаниот министер.“
Сегашниот премиер, а тогашен министер за финансии, Никола Груевски, никогаш не потпишал анекс на договор со Окта, ниту во 2000 година, како што обвини и наклевети Љубомир Д. Фрчкоски, ниту пред, ниту потоа.
Тужбата до Фрчкоски се однесува токму за ова обвинување и клевета изнесени во неговата колумна“, стои во соопштението на Владата.
Осудениот Фрчковски пресудата ја прокоментира како атак врз слободата на мислата и најави дека правдата ќе ја бара пред Меѓународниот суд во Стразбур.
Судот во Скопје го казни со 32.500 евра за клевета на премиерот Груевски, кој најави дека парите ќе ги даде во хуманитарни цели.
Ohridnews