Владата на седницата одржана во текот на вчерашниот ден донесе повеќе заклучоци со конкретни мерки со цел да им се помогне на граѓаните од настраданите места по невремето во Тетово и тетовско.
„Земјоделците чии посеви беа оштетени од невремето ќе може да поднесат барања за проценка и надомест за настанатата штета до подрачните единици на МЗШВ, а повикот ќе биде објавен и ќе трае до 26 август годинава. Владата донесе одлука да отпоче доделувањето на еднократната парична помош во висина од 30.000 денари на најпогодените семејства од невремето. Во текот на денот списокот беше комплетиран и доставен до Министерството за финансии“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, кој додаде дека се работи за околу 350 лица.
Покрај тоа, Владата на семејствата чии домови се уништени или небезбедни за живеење ќе им плаќа ќирија додека штетата не биде санирана, за првичен период од шест месеци. Станува збор за околу 14 семејства. Комисијата за надомест на штетите на терен утврдила дека околу шест објекти ќе треба да се рушат бидејќи не се безбедни за живеење.
„На барање на Дирекцијата за заштита и спасување, Владата донесе одлука за доделување на дополнителни 160.000 литри нафта кои се неопходни за механизацијата која се употребува на терен за да се продолжи со расчистување на настанатите штети од невремето. Дадена е и насока за интензивно вклучување на механизацијата на ’Македонија пат’ за расчистување на штетите од невремето“, додаде Пешевски.
Според министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, соработката со населението е исто така од помош и значење за побрзо надминување на состојбата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“