Владата по барање на Комисијата за проценка на енергетскиот сектор во нашата држава донесе одлука за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена, информираше Министерот за економија Крешник Бектеши. Според министерот, кризната состојба се носи единствено за вбризгување буџетски средства во енергетските компании во висина од 4 милијарди денари.
Донесуваме кризна состојба со цел да го подобриме работењето на енергетските компании, да ја зголемиме нивната ликвидност, а никако за да бидат воведени рестриктивни мерки кои ќе влијаат негативно врз живеењето на луѓето, истакна Бектеши.
Министерот за економија додаде дека кризната состојба се прогласува врз основа на проценката на стабилноста на енергетскиот систем од МЕПСО. Како што истакна Бектеши, Владата на 30 октомври донела Уредба со која се утврдуваат условите и критериумите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија како и мерките и начинот на снабдување со електрична енергија при кризна состојба
МЕПСО изготви извештај за проценката на стабилноста на енергетскиот систем за последниот квартал од оваа година според кој комисијата процени дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија. Ваквата проценка на ризици се темели на неколку основи, како прво заради намалување на капацитетот на домашното производство но, и поради зголемените цени на странските берзи, вели Бектеши
Министерот за економија истакна дека ТЕЦ Осломеј ќе се стави во функција од 1 декември , додека од синоќа РЕК Битола работи со еден блок.
К.А.