Владата останува. Во Собранието синоќа пред полноќ не помина иницијативата од страна на опозицијата за гласање доверба на Владата. Седницата ја затвори претседателот на Собранието Талат Џафери, со образложение дека поради немање кворум, не е отворен дневниот ред и не може да се отвори дебата за гласање доверба на Владата.
Претходно, по неизвесноста и бурниот ден, пратениците од опозицијата си заминаа од Парламентот, но изјавија дека не ја повлекуваат иницијативата и побараа брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката криза.
Поради тоа што не е отворен дневниот ред не може да се отвора дебата за гласање на недоверба на Владата. Констатираме дека на Владата не и изгласана недоверба и врз основа на ова Владата продолжува со полниот состав и со должностите коишто ги има. Седницата за гласање доверба на Владата е завршена, констатира синоќа Џафери.
Според процедурите на Деловникот, Џафери појасни дека од моментот на прашањето за доверба на Владата, Собранието има право на третиот ден да дебатира за прашањето за доверба на Владата поднесена од опозиција со 61 потпис.
Имајќи во предвид дека тие немале кворум за целта за која што беше поднесено ова прашање дневниот ред не е изгласан поради тоа што не е отворен дневниот ред не може да се отвора дебата за гласање на недоверба на Владата. Констатираме дека на Владата не и изгласана недоверба и врз основа на ова Владата продолжува со полниот состав и со должностите коишто ги има. Констатирам дека предвидената материја за оваа седница е исцрпена и ја заклучувам оваа седница и констатирам дека седницата е завршена. На Владата и посакувам успех во наредните денови коишто ги има извршната власт, изјави Џафери.
На седницата синоќа беа присутни само претставниците на Владата предводена од Зоран Заев.
Откако беше затворена седницата, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби пред Собранието во изјава за медиуми рече дека граѓаните треба да бидат спокојни оти вечерва победила евроатлантска Македонија.
Победи Македонија со добрососедски односи. Македонија во добри пријателски односи со САД, со ЕУ, Македонија во добри односи помеѓу заедниците и благодарен сум и на сите коалициони партнери, изјави Груби, порачувајќи дека со ова парламентарно мнозинство останува загарантирана интеграцијата во Европската Унија.
Прашан дали „Алтернатива“ е новиот партнер, Груби рече дека добредојдени се сите кои посакуваат земјата да е интегрирана во ЕУ, да има добрососедски односи, мир и стабилност.
Претходно, пратениците од опозицијата си заминаа од Собранието, но како што изјавија не ја повлекуваат иницијативата за гласање доверба на Владата. Бараат брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката криза.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во име на коалицијата синоќа пред Собранието изјави дека демократијата е погазена и оти власта се обидува по секоја цена да остане на власт.
За жал, имаме уште еден ден којшто ќе остане запишан во црните страници на македонската историја затоа што денес во Македонија се погази демократијата. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник. Денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим воопшто видено на просторот на Европа. За тоа ќе има одговорност многу побрзо од тоа што мислат, ќе дојде денот кога ќе одговараат сите тие коишто денеска киднапираа пратеник и сите оние кои денес одземаа телефони од пратеници, ги чуваа пратениците во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат и направија се македонската демократија да биде погазена, рече Николоски.
OhridNews