Владата преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот објави оглас за двајца економски промотори во Индијанаполис во САД и Монтреал во Канада.

Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено високо образование, работно искуство од најмалку две години, одлично да го познаваат англискиот јазик, а оние што ќе аплицираат за местото економски промотор во Канада треба да го знаат и францускиот јазик. Кандидатите треба да поседуваат вештини за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата на Република Македонија.

Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат работно искуство во соодветната земја или го стекнале образованието во таа држава, како и оние што одлично го познаваат официјалниот или деловниот, односно еден од јазиците од говорното подрачје на земјите за која аплицираат.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев вчера изјави дека целта на Владата е да се изберат најспособните и најквалитетните кандидати и да им се даде шанса и можност да учествуваат во економскиот развој на Македонија, во отворањето на нови фабрики и на нови работни места.

Во огласот се нагласува дека сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани, а рокот за пријавување е до 19-ти јуни годинава.

OhridNews