Владата ја обвини опозицијата дека преку претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, врши притисок врз институциите, кој, како што стои во соопштението за јавност, организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува “уништување на државата”.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како “срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како “лопови” и во исто време клеветејќи за “добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз. соопшти Владата која ја објави комуникацијата помеѓу Христијан Мицкоски и Драги Рашковски.

Владата го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да престане да врши притисок врз институциите,  партиските ресурси да ги насочи за помош на земјата и на народот во овие тешки времиња.

Оттаму уште појаснуваатт дека постапката за организација на превозот и државниот карантин на македонските граѓани се одвива согласно одлуки и уредби на Владата изгласани и од министерот за внатрешни работи кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а истата изгледа вака:

Летовите од земјите од кои доаѓаат нашите сограѓани до Северна Македонија ги реализира авио компанијата Визер, компанија избрана по критериумот најниска цена, а пријавена на јавните повици на Владата. Секој македонски граѓанин кој се враќа во нашата земја со превозот кој го организира Владата има обврска самостојно да го плати авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот која изнесува околу 32.000 евра се дели со бројот на патници сместени во авионот. За пример, цена на летот од Минхен до Скопје изнесуваше околу 190 евра по патник. (во прилог договорот за организирање авионски превоз меѓу Владата и секој граѓанин кој го користи превозот). Граѓаните кои се враќаат во земјава се контактирани од МНР ден претходно, при што ги добиваат сите информации во врска со превозот и со државниот карантин, вклучително и цената и условите за превозот. – информира владата.

Од Владата велат дека граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ реагираше со објава на Фејсбук, посочувајќи дека е добро што неговата преписка со Рашковски, за наводно хуманитарната акција на владата, излезе во јавноста бидејќи граѓаните и целата јавност ќе може да направат разликат помеѓу луѓе за кои има сведоштва, докази, изјави и сомневања дека прават криминал на грбот на народот, и луѓе кои тоа им го кажуваат во очи.

Во оваа прилика ќе кажам дека за тоа што Драги Рашковски незаконски објавил приватна преписка и што како човек од Владата не го почитува законот, не треба да стравува затоа што нема да го тужам, но за тоа дека за Владата има основани сомневања дека прави криминал со транспортот на луѓе, има нехуман третман и печали од летовите, е за тоа треба да се плашат, затоа што ќе дојде ден да одговараат за таквото воено профитерство. Доказите со кои располагам ќе ги доставам до институциите веднаш откако ќе се ослободи судството и обвинителството од стегите на власта и принципот “трас-трас” воспоставен од Зоран Заев, а до тогаш јас бурно ќе реагирам за секоја информација од која се гледа дека некој се богати на грбот на измачениот народ. Очигледно криминалците остануваат тоа и во редовна, и во вонредна состојба. – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Добро е што мојата преписка со Рашковски, за наводно хуманитарната акција на владата, излезе во јавноста бидејќи…

Geplaatst door Hristijan Mickoski op Zondag 29 maart 2020

OhridNews