Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, на заедничка прес конференција, го презентираа  јавниот повик за дигитален AI асистент, кој ќе се користи за потребите на програмите за државна помош на Владата. Битиќи соопшти дека оваа дигитална алатка ќе има за задача да ја олесни комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите. Дигиталниот асистент треба да е способен за брзо учење, да овозможи комуникација со корисниците преку текстуални пораки, да го прилагоди својот јазик и тон врз основа на контекстот, да разбере и одговори на македонски, албански и англиски јазик и лесно да се ажурира во реално време.

„За реализација на овој јавен повик обезбедивме 9 милиони денари од буџетот на ФИТР или околу 150 илјади евра, а тоа ќе биде 100% поддршка за најиновативната идеја за создавање дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој би се користел за потребите на програмите за државна помош, а ќе се имплементира во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Фондот за иновации и технолошки развој.  Ова треба да го намали времето на чекање на одговор од институциите како и да ја олесни целата процедура и пристап до информации кои се важни за компаниите и инвеститорите“, посочи Битиќи и додаде дека ова е само првиот чекор кој се прави, заедно со развојот на стратегијата за вештачка интелигенција, имаме визија за развој на целиот еко систем

Алатката ќе ги дава сите потребни информации и помош за мерките од Планот за економски раст кој е инструмент за поддршка на развојот на домашните и странските компании, а во насока на изедначување на критериумите и условите за добивање на државна помош на сите компани. Досега преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите се склучени 245 договори со домашни компании.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров ги соопшти и деталите во врска со карактеристиките кои треба да ги поседува дигиталниот асистент како и начинот на аплицирање на јавниот повик кој е објавен на веб страницата на ФИТР.

Дигиталниот асистент треба да е способен и да се справи со сложено барање, да разбере и да одговори на македонски, албански и англиски јазик со голема прецизност на природен начин. Исто така треба и да се справи со повеќе прашања и да е способен да го разбира македонскиот јазик подеднакво добро на латинично и кирилично писмо. Асистентот треба да обезбеди 24/7 достапност и непосредна пристапност до граѓаните преку Facebook Messenger, Viber и Web и да служи неограничен број луѓе истовремено. Времетраењето на проектот, за кој се доделени финансиски средства е 24 месеци, односно 12 месеци за развој и имплементација и 12 месеци за одржување и надградба. натпреварувачот треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови: да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе), годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10 десет милиони евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи. Целосната листа на критериуми е достапна на веб страната на Фондот“, објасни директорот на ФИТР.

Петров посочи дека компаниите кои ќе поднесат апликација треба да презентираат дека имаат искуство и референци од претходно изработени и докажани решенија за дигитален асистент базиран на AI на македонски, албански и англиски јазик, во земјата и странство, а во предлог-проектот треба за финансирање треба да ги содржи следните активности: активности за тестирање, дизајн, активности за истражување и развој, активности за тренирање и ре-тренирање на дигиталниот асистент.

Главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите се степенот на иновативност, капацитетот на проектниот тим, квалитетот на проектот, потенцијалот за имплементација и влијанието на проектот.Процесот на аплицирање е исклучиво онлајн.

 

OhridNews