Само неколку часа откако градските власти и МЈП „Проаква“ сооштија дека е изнајдено решение  за сервисирање на долгот на јавното претпијатие кон ЕВН и дека државата е дел од него, стигна демант од Владата.

Владата не е  составен дел од проблемот помеѓу ЕВН и МЈП „Проаква“, но верувам дека тие ќе најдат решение за овој проблем бидејќи  е од исклучително значење за граѓаните од Струга и Охрид, изјави во Охрид вицепремиерот Зоран Ставрески.

„Таму каде што има наш дел  ќе имаме причина да бидеме дел од решението на пробелемот, но во другиот дел ќе треба да се бара решение низ разговорите помеѓу ЕВН,  „Проаква“ и локалната самоуправа“, рече Ставрески.

Сличен став има и Министерството за животна средина од кое локалната самоуправа очекува и најголема помош. Оттаму сметаат дека долгот за неплатена електрична енергија за колекторот треба да го плати оној кој стопанисува со него, а тоа не е државата.

Како што информиравме претставниците на општината, „Проаква“  и ЕВН, на состанокот што вчера се одржа во Скопје постигнале договор околу начинот на сервисирање на долгот од 1 милион евра на меѓуопштинското јавно претпријатие. Договорено е снабдувањето на „Проаква“ со електрична енергија да тече непречено откако еден дел од долгот кон ЕВН  е платен. Останува да се сервисира поголемиот дел од долгот за колекторот, соопшти локалната самоуправа.

На средбата било договорено долгот за колекторот да се отплаќа на рати. Со цел навремено сервисирање на долговите од што зависи и снабдувањето на колекторот со електрична енергија било договорено во подмирување на овие трошоци да се вклучат и надлежните владини органи пред се  Министерството за животна средина. Дали до тоа ќе дојде ќе се знае на 10-ти аптил за кога е закажана нова рунда преговори помеѓу општината Охрид, „Проаква“ и ЕВН.

ohridnews